Што се случува кога една значајна изјава што најавува општа и неизбежна опасност ќе биде изговорена гласно? ова е прашањето што го поставува театарската претстава „Ќе има (ли) војна“ во режија и по текст на Ивана Атанасова, кој а ќе биде изведена утре во „Кино Култура“ со почеток во 20 часот.
Се работи за кратка театарска фантазија/едночинка, која што посочува прст кон толпата и нејзината масовно хистерична моќ, а истовремено го преиспитува индивидуалецот. Ги гледаме неговите борби и падови, камшиците на сметка на индивидуалноста, лузните од кажаното, гневот свртен кон себеси и борбата да се надмине сето тоа, барајќи го најсоодветниот одговор со кој тој, во случајов уметникот, располага – креацијата.
– „Ќе има (ли) војна“ тежнее да воспостави една специфична релација помеѓу изведувачот и публиката, која трае за време на изведбата и секогаш е неповторлива. Давајќи ѝ одредени улоги на публиката, кои се менуваат во зависност од ситацијата, приказната се движи и ја иницира играта на изведувачот, кој мора да го наполни и обои дејството кое се одвива пред нејзините очи.
Авторката Атанасова го користи своето тело за да отелотвори креација која носи внатрешна сила и има душа, велат од „Кино Култура“.
Влезот за претставата е бесплатен.