На 26-от ден од „Охридско лето“ фестивалската публика ќе има можност да ужива во концертот на еден од најзначајните виолинисти на својата генерација – рускиот маестро Кирил Трусов, кој ќе настапува во придружба на неговата сестра, извонредната пијанистка Александра Трусова.
Посетителите на фестивалските концерти оваа година имаа одлична можност да ги проследат настапите на брилијантните виолинисти од различни земји. Покрај новите имиња, овој пат ќе ги чуеме за нас веќе познатите музичари Кирил и Александра Трусови кои по одличните концерти во 2008 и 2010 година, повторно доаѓаат во Охрид. Кирил Трусов веќе одамна ја понесе светската слава, а како доказ за тоа е што тој доаѓа на „Охридско лето“ после настапот на еден од најголемите фестивали во светот – Вербиер Фестивал, каде што настапува заедно со најпознатите уметници Капусон, Мајски, Кисин, Герштеин…
– Ова извонредно дуо ја вознесе публиката на нивните претходни настапи во Охрид, а не очекуваме ништо поинаку и овојпат од овие исклучителни уметници. Тие ќе ни претстават многу необична програма на која се не толку често изведувани дела што верувам ќе биде посебно интересно за нашата искусна и едуцирана публика, вели музичкиот селектор на „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска.
Дуото Трусови успешно настапуваат заедно веќе неколку години и со своите настапи доживуваат признанија низ целиот свет. Заедно имаат издадено компакт диск за „ЕМИ Цлассицс“ со дела од Јоханес Брамс, Лудвиг ван Бетовен и Хенрик Виенавски. Компакт дискот е многупати наградуван од страна на меѓународниот печат.
Кирил Трусов со своите многубројни концерти, стекнал углед на исклучителен музичар. Настапувал со различни оркестри низ целиот свет и неговите настапи биле високо оценети од голем број критичари. Покрај солистичката кариера, Трусов се појавува и како камерен музичар, свирејќи со различни ансамбли. Добитник е на голем број награди и признанија, а има издадено и повеќе компакт дискови.
Александра Трусова во текот на својата кариера настапувала во најголемите центри во Европа, Америка, Канада и Јапонија, а соработувала и со голем број реномирани музичари. Особено задоволство ù преставуваат настапите на познатите Фестивали, на кои е редовен гостин. Трусова е добитник на повеќе интернационални награди.
На репертоарот на дуото се дела од Антонин Дворжак, Габриел Форе, Франсис Пуланк, Петар Илич Чајковски и Ефрем Цимбалист. Концертот е во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот.