„Керемпух“ со две претстави во Драмски театар

Од:

По синоќешната изведба на „Јазовец во Керемпух“ на хрватскиот режисер Оливер Фрљиќ, сатиричниот театар „Каремпух“ од Загреб вечер во Драмскиот театар, првпат во Македонија, ќе ја изведе и претставата „Да живее Хармс! Чудата постојат“ на режисерот Александар Поповски.

Двете претстави на матичната сцена премиерно се изведени минатата година за јубилејните 50 години од постоењето на овој загрепски театар. Екипи од двете постановки денеска имаа прес-конференција во Драмски, кој од пред неколку дена ги распродаде сите билети за дводневното гостување на „Керемпух“.

– Дојдовме со два проекта пред скопската публика. Според синоќешните реакции, не ве разочаравме, рече директорот на „Керемпух“ Душко Љуштина. 

Посочи дека овие претстави, заедно со уште две („Хамлет од Долна Мрдуша“ на Иво Брешан и  „Политичка венчавка“ на Фадил Хаџиќ – основачот на „Керемпух“ во 1964) лани го одбележале петдеценискиот јубилеј и дека тие се омаж за сите писатели кои поради својот пишан збор или поради своите дела  биле затворани и прогонувани.

Таков бил и Данил Хармс (Данил Иванович Јувачов) – „ленинградскиот чудак“ од 1930-тите, кој се борел против репресивниот режим и бил уапсен и умрел во затвор од глад.

Режисерот Поповски рече дека Хармс е автор на кој често му се навраќа, зашто е индивидуалец кој против еден систем се борел на многу посебен начин –  непредвидлив, кој прави што сака и пишува како сака.

– Хармс не учи како да се биде слободен. Ние мислевме дека слободите ни се засекогаш дадени, дека освоената слобода ја поседуваме засекогаш. Ние учиме дека слободата мора одново и одново да се добие. Ние мораме да се бориме за сопствената слобода. Хармс не учи на тоа…  Најдовме книга од неговата жена, која раскажува неверојатни приказни, направи некоја подлога на сите негови приказни. Таа раскажа една од најубавите приказни за тоа дека чудата постојат, рече Поповски кој со „Керемпух“ соработува вторпат, по постановката на  „Буре барут“.

– Мојата приказна почнува во „Керемпух“, каде што беше мојата прва официјална режија надвор од Македонија. Во едно чудно време, кога никој не би се охрабрил да постави таков текст, Душко ме покани да ја поставам во Загреб, додаде Поповски.

Музиката за вечерашната претстава е на битолскиот бенд „Фолтин“, за која режисерот рече дека е посебно интересен дел од процесот на подготовка. Во актерската екипа се: Линда Бегоња, Иван Ѓуричиќ, Тарик Филиповиќ, Хрвоје Кечкеш, Лука Петрушиќ, Маја Посавец, Ракан Рушаидат, Бранка Трлин и Миа Аночиќ-Валентиќ. Дел од нив веќе работеле со Поповски и се задоволни од соработката со него.

– Оваа е волшебна претстава за нас, а вие ќе видите зошто е тоа така… Поповски  е еден од најдобрите режисери со кои имам работено. Мислам дека тој така е третиран и во Хрватска, рече Филиповиќ.

Актерот Ракан Рушаидат (кој како и Хрвоје Кечкеш е во двете гостински претстави), кај Поповски ја игра улогата на Хармс, но рече иако имаат одредени улоги и сцени,  се однесуваат како да се сите Хармс, целиот ансамбл.

Тој ги спореди двете претстави – вчерашната „Јазовец“ и денешната за Хармс и рече му се интересни зашто се на двајца сосема различни режисери.

– Додека Фрљиќ не приземјува и не турка во реализам и политика, Ацо, спротивно на тоа, се обидува да не одлепи и да не прати во облаците. Во таа смисла претставите се различни, тие се два краја на ист жанр, рече Рушаидат.

Во синоќешната претстава настапија и Вилим Матула и Борко Периќ. „Јазовец во Керемпух“ е хит-претстава на театарот „Керемпух“, авторски проект на актуелниот хрватски режисер Оливер Фрљиќ, во кој се споени четири стендап-настапи.

За 50 години театарот „Керемпух“ имал над 4,5 милиони гледачи. Директорот Љуштина рече дека годишно имаат 30 отсто повеќе претстави од другите хрватски театри, имаат три сцени и свој фестивал на сатирата. Нивното гостување во Скопје е дел од турнеја, во чии рамки настапиле и во Љубљана, а им следуваат гостувања во Крањ, Белград, Виена и во Нови Сад.

Би можело да ве интересира

Културен перформанс „Простор за разговор“ во Битола

61. Драмски аматерски фестивал на Македонија ќе се одржи од 20 до 26 мај во Кочани

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ