Кавадарци одбележува осум децении постоење на Градската библиотека „Феткин“, најстарата културна институција во градот

Од:

Кавадарци одбележува осум децении самостојно постоење на Градската библиотека „Феткин”, најстарата културна институција во градот. По тој повод, денеска се одржа свечена седница под слоганот „Осум децении светлина на зборот”.

– Осум децении исполнети со љубов кон знаењето, со поддршка кон читателите, со чување на духовното богатство на Кавадарци. Историјата на нашата библиотека не започнува само со нејзиното официјално формирање, таа има корени втемелени уште во првите читалишта, во ентузијазмот на граѓани кои верувале дека културата и образованието се темел на секое општество. Токму затоа денешниот јубилеј е празник на традицијата, но и на иднината на институцијата која и денес отвора нови хоризонти, рече водителката на настанот, Лилјана Митрова.

Директорот на библиотеката, Петар Гурев, рече дека оваа институција осум децении претставува столб на културниот развој во овој град. Тој се наврати на корените на библиотекарството во Кавадарци.

– Првите податоци за библиотекарството датираат уште во првата половина на XIX век кога манастирите биле центри на духовен живот, а нивните скромни библиотеки биле првите места каде што книгата служела за просветување, богослужба и учење. Особено значајна е 1847 година, кога во Ваташа започнува со работа првата печатница на Балканот, печатницата на Даскал Камче. Таа ја разгорува љубовта кон пишаниот збор и го поставува темелот на читателската култура во нашиот крај. Весникот „Право” кој во тоа време се издавал во Цариград, сведочи за развивањето на интересот кон читањето и за првите вистински чекори кон оформување на читателска култура, сподели Гурев.

Притоа потсети дека првите документи за организирано библиотекарство се поврзани со читалиштето „Тиквеш“, основано во 1935 година. Оттогаш до ослободувањето на Македонија, читалиштето неколку пати било затворано и активирано од политички причини. Во 1942 година за него се грижеле Стефан Хаџи Тефов Феткин и Мито Хаџи Василев Јасмин.

Во 1945 година, било решено да се оформи библиотека како самостојна установа. Во 2006 година, со поддршка од УНДП и Кралството Норвешка, библиотеката беше целосно реновирана и преформулирана според концептот на отворена библиотека.

– Во текот на овие 80 години библиотеката, „Феткин” доживеа вистинска метаморфоза. Од мал книжевен фонд прерасна во значајна културно-образовна институција со десетици илјади книги, современи услуги и професионален кадар. Овој успех е резултат на генерации библиотекари кои со љубов кон книгата и професијата вложија огромен труд, нагласи Гурев, заблагодарувајќи се на сите вработени низ годините.

Патем подвлече дека сега се соочуваме со нова тивка, но суштинска битка – младите се повеќе се оддалечуваат од книгата и се насочуваат кон екраните.

– Нашата задача е да ја направиме книгата повторно привлечна, достапна и интересна. Тоа го правиме преку нови програми, современи пристапи, дигитални содржини и настани за сите генерации. Јавната општинска установа библиотека „Феткин” е повеќе од збирка книги, таа е жив организам, место за образование, инспирација и човечко поврзување. Таа ја гради мислата, ја чува историјата и ја подготвува иднината. И како што вели слоганот на овој јубилеј: „Осум децении светлина на зборот” – нека таа светлина продолжи да гори. Како светлина на зборот, како чувар на знаењето и како дом на нашата култура, рече Гурев.

Претседателот на Совет на Општина Кавадарци, Стојанче Рамов упати честитки за високото признание што деновиве го доби оваа културна институција, „Библиотека на годината 2025″, од Библиотекарското здружение на Македонија.

– Оваа награда е доказ дека вашата работа, посветеност и љубов кон книгата се препознаени и вреднувани. Книгата и читањето се темел на образованието, културата и личниот развој. Библиотеките се местата каде нашите деца и млади учат да ја сакаат писменоста, каде се создаваат навики што го обликуваат целиот живот. Во таа мисија, Општина Кавадарци и Советот и понатаму ќе ја даваат својата поддршка. Заедно обезбедуваме оваа библиотека да остане достапно, живо и современо централно место за знаење, култура и заедништво, рече Рамов.

Тој подвлече дека библиотеката е културен бисер, достоен репрезент на градот.

На настанот беа доделени плакети за соработка и поддршка во развојот и афирмацијата на библиотеката, како и благодарници за континуирана соработка и поддршка во работењето на библиотеката.

Би можело да ве интересира

Храбра акција: Кавадаречки пожарникари спасија куче од Луда Мара

Горан Наумовски

Илија Панов е осуден на 16 години затвор за убиство на партнерката Сузана

Газда на фирма од кавадаречко преку хакиран е-мајл измамен за 80.000 денари

А1он

Во Кавадарци полицијата уапси пијан млад возач, МВР против него најави пријава

Учителка од Кавадарци шпионирала колешка кај директорката на училиштето

Обвинение за кавадарчанец кој со тесла си го уби братот на негов роденден, тајно го закопа и се обиде да го прикрие убиството