„Као какао“ – прв македонски мјузикл

Од:

„Као какао“ е насловот на првиот македонски мјузикл на музика на гитаристот Влатко Стефановски, кој премиерно ќе биде изведен во мај, во копродукција на „Баги комуникации“ и Македонскиот народен театар. Текстот за мјузиклот е напишан од Венко Андоновски, режисер е Дејан Пројковски.

Засега во план е мјузиклот да има 19 композиции на Стефановски и групата „Леб и сол“, кои ќе бидат изведени во нови аранжмани направени од Бобан Мирковски.

Приказната од мјузиклот на сцена ќе ја раскажат младите Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ во двата главни лика Дона и Џими. Тие се избрани од кастинг-директорката на проектот Биљана Драгиќевиќ-Пројковска. Покрај нив, ќе учествуваат повеќе актери, екипата ќе се дополнува. За кореографијата е задолжена Олга Панго, костимограф е Марија Пупучевска, сценограф – Валентин Светозарев.

Извршниот продуцент Владимир Мандичевски-Манде на прес-конференција денеска рече дека идејата за проектот е пред три години, а активностите почнале лани во јуни.

– Логично беше да се направи мјузикл на музиката на Влатко Стефановски затоа што е најиздржаниот и најпризнат музички опус од нашата држава во модерната музика. Соодветно на квалитетот на неговата музика и брендот на името на Влатко, направивме тим што во својата работа ќе одговара на неговото дело. Тешко е да се соберат вакви луѓе, сите врвни професионалци во својата работа. Ова ни дава право да мислиме дека, доколку не е најдобриот, сигурно е еден од најдобрите културни проекти направени во последните децении и да се надеваме дека ќе успееме да излезе надвор од границите на нашата држава – рече извршниот продуцент Мандичевски.

Влатко Стефановски ја прифатил со задоволство идејата за мјузикл, верува во проектот и затоа на предлогот на продукцијата рече: „Зошто да не. Подобро да бидам сведок на тоа отколку да се прави кога ќе ме нема“.

– И по два-три состанока, работите почнаа да се отвораат. Многу ми е драго што Венко Андоновски го напиша текстот. Добар текст е ако те допре емотивно. Кога го читав, овој текст ме насмеа трипати и ме расплака двапати, што е гаранција дека текстот е навистина добар. Не се сомневам во режисерските квалитети на Пројковски и дека има енергија и капацитет сето тоа да го скоцка и да го стави во некоја форма. За младите, кои ќе бидат глумци, пејачи и играчи, не се сомневам ни еден час ни една секунда. Затоа што, навистина, ако нешто имаме, тоа се талентирани млади луѓе, музичари, пејачи, актери, играчи. Така што, со големо задоволство го следам ова развивање на проектот што сега првпат го објавуваме и со оптимизам и убава мисла одиме понатаму. Му стојам на располагање и на аранжерот Мирковски, кој ќе ја види музиката на друг начин. Верувам дека ова може да биде многу интересен и успешен проект – истакна Стефановски на претставувањето на проектот.

Авторот на текстот за мјузиклот, писателот Венко Андоновски, рече дека како гимназијалец сакал да биде гитарист како Влатко и драмски автор како брат му Горан Стефановски, но не успеал да ги надмине и затоа, рече шеговито, имал двојна фрустрација, но додаде: „Еве, Господ ги реди работите“. Како што рече, се работи за љубовна приказна со мелодрамски ефекти, холивудски ориентирана, со многу противници и со неверојатен копнеж да се успее.

– Мислам дека ги внесов мојата љубов и страста кон музиката на Влатко. Мојата генерација ја имаше среќата – во Тафталиџе да има светски гитарист. Влатко отсекогаш бил за мене опсесија како музичар и, еве, Господ нареди – ако не можам да му парирам никако во музиката, можам да учествувам во нешто што се вика мјузикл, посветен на неговата навистина голема музика. Влатко не е само музичар, тој е човек епоха заедно со „Леб и сол“, се разбира. Меѓутоа, самиот е човек епоха и кога седнав да работам, сфатив дека јас тука нема што многу да правам. Мене ме водеше музиката. Јас добив избрани песни и едноставно тие песни самите си раскажаа своја приказна, што покажува дека Влатко живеел еден живот, неговата музика, неговата гитара говори, сама си се склопи приказната – рече Андоновски.

Би можело да ве интересира

Во македонскиот КИЦ во Загреб отворена изложбата „The Vlatko Stefanovski Experience”

Катерина Ѓуровски

Изложба на фотографии во чест на 50 години соло кариера на Влатко Стефановски во Загреб

Мјузиклот „Емилија Перез“ освои седум награди Цезар

А1он

Реновирање да, друго не, порача Влатко Стефановски за Универзална, покрената и петиција за спас на салата

Маја Илиевска-Пачемска

Сенатот на Универзитетот ФОН донесе одлука за доделување на почесен докторат на Влатко Стефановски

Наум Локоски