Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија на „Охридско лето“

Од:

На програмата на „Охридско лето“ вечерва е целовечерен концерт на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, по повод 50-годишниот јубилеј од нејзиното формирање.

На програмата се дела на Моцарт, Бах, Бритн, Сарасате, Пјацола, Шчедрин, Хајдрих, со солистот Катерина Баческа на флејта, а под диригентска управа на маестро Саша Николовски – Ѓумар.

Музичката младина на Македонија (МММ) е национална невладина организација која работи со и за млади луѓе, развивајќи ја нивната креативност и поддржувајќи го нивното почетно јавно претставување на полето на музичката уметност. МММ се стреми да ја охрабри и насочи потребата за директната комуникација меѓу младите и аудиториумот како со музиката, така и со други културни вредности.

Создадена на уметничка и педагошка основа, МММ ги обединува младите без оглед на нивната политичка, религиозна, национална или јазична позадина, придонесувајќи за генерации млади кои ќе имаат космополитски, хуманистички пристап во својата индивидуална и глобална креативност и развој. Оформена пред точно 50 години МММ ги промовира овие принципи преку повеќе од девет илјади одржани манифестации, концерти, мајсторски курсеви, курсеви за млади менаџери во културата, привлекувајќи над илјада уметници како солисти и над седум илјади учесници и програмски аниматори и организатори во различни ансамбли, проследени со милионски аудиториум.

Цели 50 години Музичката младина на Македонија остварува голем циклус разновидни активности поврзани со дејноста на својот Камерен оркестар – едниствениот од ваков вид во Југоисточна Европа, добитник на бројни награди и признанија.

Саша Николовски-Ѓумар се вбројува меѓу најзначајните уметници на денешната македонска музичка сцена. Од студентските денови на ФМУ – Скопје до денес тој настапува со сите најзначајни ансамбли во Република Македонија – Македонската Филхармонија, Македонската Опера и Балет, со хорот и симфонискиот оркестар на ФМУ- Скопје, на најзначајните фестивали и манифестации: Охридско Лето, Скопско Лето, Есенски музички свечености, Денови на македонската музика, Мајските Оперски вечери, ТЕХО и други.

Остварил бројни гостувања во Бугарија, поранешна Југославија, Русија, Франција, Романија, Унгарија, Австрија. Саша Николовски-Ѓумар е добитник на повеќе награди и признанија. Раководејќи со овогодишната работа на Камерниот оркестар на МММ, диригентот со овој концерт прославува 20 години од својата уметничка дејност, која ја започна токму со концертот на овој камерен оркестар.

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот.

Би можело да ве интересира

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ

Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор