Во рамки на фестивалот „Скопско лето“, од 18 до 28 јули се одржува неговата традиционална филмска содржина „Кафе кино“, со проекции во Сули ан од 21 часот.
На програмата вечер е романтичната комедија „Гостинот“, италијанско-швајцарска копродукција, во режија на Дукио Кјарини од 2018 година.
Од утре и во наредните денови до крајот на „Кафе кино“ (28 јули), на програмата се и филмовите: „Сè за мене (Младиот човек на свеж воздух) од Германија; „Ѕверот во џунглата“ од Холандија; „Каде си, Жоао Жилберто?“ – швајцарско-германско-француска копродукција; „Брит-Мари беше тука“ од Шведска; „Сонот на Катрина“ – швајцарско-италијанска копродукција; германските „Двојна неволја – магичното огледало“ и „Разврска“ и турскиот „Девојката со црвена марама“ на последниот ден од филмската програма.
Организаторот на „Скопско лето“ – Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, потсетува на протоколите според кои бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжително ќе биде почитувањето на мерките: носење заштитни маски; мерење телесна температура; физичка дистанца меѓу посетителите во гледалиштето и дезинфекција, а влезот на публиката ќе почне во 20.30 часот
Влезниците се по цена од 100 денари и се продаваат онлајн преку kupikartizase.com или во „Југотон“ во Градскиот трговски центар.