Јубилејното 40. „Скопско лето“ од 19 јуни до 31 јули

Од:

Јубилејното 40. „Скопско лето“ официјално ќе биде отворено на 21 јуни со гала оперски концерт на Националната опера и балет по диригентство на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ на плоштадот „Мајка Тереза“ со почеток во 21:30 часот.

„Скопско лето 2019“ ќе се одржува од 19 јуни до 31 јули на повеќе локации. Организатор на „Скопско лето“ е Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, а и оваа година фестивалот е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура.

Директорот на Дирекцијата за култура и уметност – Скопје Никола Глигоров на денешната прес-конференција информира дека публиката на меѓународната манифестација „Скопско лето 2019“ најмногу ќе може да проследи концерти, како и ликовни изложби, претстави, мултимедијални проекти, ќе има филмска програма, традиционалното кафе кино, ќе има програма и за најмладите…

– Како што почнавме пред 40 години со домашните уметници, така ќе биде и годинава. Имаме два настани, едниот е во најава на „Скопското лето“ – „Грабење во просторот“ (ретроспективна изложба 1981 – 2019) на Глигор Стефанов, наш дамнешен пријател и соработник. Изложбата ќе биде отворена на 19 јуни во 21 часот во Музејот на современа уметност. На 21 јуни, како што веќе е традиција, отворањето на „Скопското лето“ го посветуваме на музика, на Светскиот ден на музиката истовремено одбележувајќи го и првиот ден на летото. Отворањето ќе биде со гала концерт на Националната опера и балет, рече Глигоров. Додаде дека во изминатите години повеќе од 20-тина држави, уметници и автори од целиот свет биле учесници на „Скопско лето“.

Уметникот Глигор Стефанов изјави дека по 30 години се враќа на македонската сцена, а е отсутен од 1986 година кога имал изложба во Музејот.

– Целата изложба е поделена на три дела. Имаме една голема инсталација, во должина од 100-тина метри која ги отсликува сите мои циклуси од последните четири години, рече Стефанов, додавајќи дека колку што е изложбата ретроспективна исто толку таа е и нова, со нови работи.

Унгарскиот амбасадор во нашата земја Ласло Дукс информира дека публиката на 22 јуни ќе може да го проследи концертот на ромскиот фолклорен ансамбл „Рајко“ на плоштадот „Карпошово востание“. Се работи за уметници кои со музика се занимаваат од рана возраст и имаат репертоар што опфаќа најразличен вид музика. На 14 јули во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје концерт ќе има машкиот камерен хор „Св. Ефраим“, кој е христијански хор. Предвидена е и презентација на два унгарски филма.

Глигоров потенцира дека затворањето на годинашново „Скопско лето“ ќе биде со концерт на Ансамблот „Танец“, кој одбележува 70 години од своето постоење.

– Иако „Скопско лето“ е во своите зрели години, останува свежо во духот, секогаш отворено за истражување и борбено, нагласи Глигоров, кој изрази благодарност до Град Скопје и Министерството за култура.

Организаторите апелираат да се следат социјалните мрежи, каде дополнително ќе бидат објавувани информации за сите настани и известувања доколку дојде до промена на локациите. Се подготвува и брошура во која ќе има текстови од учесници на „Скопско лето“, збогатена со фотографии.

Би можело да ве интересира

Откажан перформансот „Во моите чевли”, во Сули ан перформанс на Михаил Парушев

Концерт на хорот „Фрида“ на Скопско лето

Драмски со претставата Фирма на Скопско лето

44. издание на Скопско лето со преку 30 културни настани и богата програма ја одржува традицијата како еден од најдобрите фестивали за култура

Со концерт на Ори Даган завршува „Скопско лето“

Kонцерт на Киц Поп Хор на Скопско лето 2022