Јубилејни „Есенски музички свечености“ од утре до 28 ноември

Од:

Единаесет настани ќе бидат одржани на 20. Есенски музички свечености кои ги организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС). Ќе бидат отворени утревечер со концерт на Филхармонијата, на кој солист ќе биде германскиот виолончелист Николас Алштед, еден од најбараните инструменталисти на светската музичка сцена.

На програмата е Концертот за виолончело и оркестар од Мјачеслав Вајнберг и „Чудесниот Мандарин“ од Барток. Со оркестарот ќе диригира Ален Бурибајев од Казахстан.

Директорот на ДКУС Никола Глигоров на прес-конференција денеска рече дека се задоволни што стигнале до 20-годишен јубилеј, благодарение на придонесот на домашните уметници – репродуктивци и автори, и на музичките институции како Филхармонијата, Националната опера и балет, ансамблот „Танец“.

-Овој фестивал тие секогаш го прифаќаат како свој и придонесоа за подигнувањето на неговиот квалитет, рече Глигоров, додавајќи дека фестивалот годинава е со буџет 65 отсто помал од минатогодишниот, но се одржува токму од желбата и поддршката на уметниците и ансамблите. Финансиски е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје.

За годинашната програма рече дека ќе биде стилски и жанровски разновидна – од големи концерти до настапи на камерни состави. Простор им се дава, пред се, на домашните музичари, исто така и на младите уметници.

Гости годинава ќе бидат музичари од Полска и од Унгарија. Амбасадорот на Полска Војциех Тицињски на прес-конференцијата рече дека на 12 ноември, по повод 101 година од независноста на Полска, на концерт во малата сала на Филхармонијата ќе гостува нивниот познат пијанист Карол Раѓивонович, кој ќе изведе дела од Шопен и Падеревски.

Истакна дека културната соработка е особено значајна и најави наскоро Фестивал на полски филм, Денови на полска кујна и ревија на цртани филмови од полската кинематографија.

Есенските музички свечености ќе бидат затворени на 28 ноември во Филхармонијата со концерт на Националната филхармонија „Кодај“ и хорот „Кодај“ од Дебрецин, Унгарија, со повеќе од 100 учесници, а солист ќе биде познатиот виолинист Барнабас Келемен. Ќе бидат изведени дела од унгарските композитори Лист, Барток и Кодај.

Унгарскиот амбасадор Ласко Дукс рече дека се работи за меѓу најпознатите класични ансамбли во Унгарија и дека со концертот ќе бидат одбележени и 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Со овој концерт ќе биде заокружена и манифестацијата Недели на унгарската култура која на повеќе од 10 локации и со над сто унгарски уметници гости во земјава се одржуваше од април годинава.

Овој концерт ќе биде слободен за посетителите, а бесплатни ќе бидат и други настани, меѓу кои и концертот на ансамблот „Танец“ на 7 ноември во Дом на АРМ, по повод 70 години од неговото постоење.

Би можело да ве интересира

Почнуваат Есенските музички свечености

Ана Ололовска

„Есенски музички свечености“ годинава со 13 програмски термини

Ана Ололовска

Концерт на Валентин Наумов и Верица Дивитарова

Ана Ололовска

Концерт на Гордана Јосифова-Неделковска на „Есенски музички свечености“

Ана Ололовска

Гала оперски концерт на фестивалот „Есенски музички свечености“

Ана Ололовска

Годинава 21-во издание на фестивалот „Есенски музички свечености“

Ана Ололовска