„Јованка Орлеанка“ на Драма-театарот од Габрово вечерва на „Охридско лето“

Од:

„Охридско лето“ во последната декада од фестивалските возбудувања влегува со вечерашната изведба на театарската претстава „Јованка Орлеанка“ на угледниот бугарски режисер Петринел Гочев и актерската екипа од Драма-театарот „Рачо Стојанов“ од Габрово.

Директорот на театарот од Габрово Невена Митева пред медиумите појасни дека театарската куќа во Габрово станува еден од центрите на театарската продукција во Бугарија и веќе го добива епитетот „светска престолнина на комедијата“.

– Карактерна црта што го дефинира Театарот од Габрово е тоа што последните години ја поседува најсилната млада актерска екипа во Бугарија, а соодветно на тоа за работа со нашиот театарот пројавуваат интерес најталентираните режисери во земјата, рече Митева, најгласувајќи дека најголемите успеси на театарот од Габрово последните години се должат токму на соработката со режисерот Петринел Гочев и неговата сопруга Гергана Змијчарова, која ја толкува главната улога во вечерашната претстава.

Режисерот Гочев за својата последна театарска поставка „Јованка Ореланка“ на Шилер и соработката со Театарот од Габрово вели дека квалитетот на актерската екипа на младиот театар дозволува доста поголема слобода во креирањето на ликовите.

– Габрово е моментално единствената средина во Бугарија што дозволува целосно посветување на театарската игра. Оваа претстава што ќе можете да ја видите вечерва е резултат токму на таа целосна посветеност, слободата на актерската игра и меѓусебното уважување што постои меѓу нас, истакна Гочев.

Како особено важно тој забележа дека она суштинското доживување при создавањето на секоја театарска претстава е токму обидот да се пренесе моментот, притоа најавувајќи дека адаптацијата за вечерашната изведба ќе биде посебна, поставена само за „Охридско лето“ и оттаму уникатна и неповторлива.

За особеноста на формата што ја има употребено во театарскиот израз за оваа поставка Гочев рече дека произлегува од обидот да ја претстави Јованка Орлеанка како една млада личност која нема амбиции да биде голема и важна личност, не мечтае да биде важен дел од историјата на Франција, дете кое не знае дека ќе биде погубено во име на некакви големи идеали, туку обично девојче, како и сите други деца…

Особеност во работата на режисерот Гочев е неговото осознавање дека актерите се непресушни извори на идеи.

– Сите сцени сме ги подготвувале и осмислувале заедно во соработка со актерите, на начин што секоја сцена сме ја разработувале и по неколку пати. Можеби тоа на моменти ја забавувало работата во подготовката на претставата, но сметам дека тоа е вистинскиот чекор на режисерот, да се поистовети со срцето на актерот, да го ослободи неговиот вистински уметнички израз, додаде тој.

Габровскиот театар оваа година прославува седум децении од основањето и е еден од најстарите професионални театри во Бугарија. Актерската екипа ја сочинуваат 15 признати глумци, а последните три години особено се плодни за театарската куќа. Минатата година поставката на „Ромео и Јулија“ во режија на Петринел Гочев беше прогласена за најдобра театарска претстава во Република Бугарија.

Би можело да ве интересира

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ

Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор