По синоќешната прва џез фестивалска вечер на „Крај Вардарот џез“, вечер во паркот зад МКЦ во 20 часот почнува и вториот дел од фестивалот на кој ќе настапува македонскиот џез хармоникаш Јордан Костов со неговиот квинтет.
По Костов, како што соопштија организаторите, на завршната вечер ќе настапи и џез триото „Cobalt code unit“, кое го сочинуваат музичарите Благојче Томевски, Благоја Глигоровски и Драган Теодосиев, а за крај скопскиот состав „Светлост: Одрон Ритуал Оркестар“.
-Костов има издадено два албуми а ПМГ џез „Sanfona de grapa“ и „Plush pig“. Тој и припаѓа на генерацијата млади македонски уметници, кои имаат раскрстено со предрасудите и кои го имаат надминато стравот од нормалната творечка комуникација со глобалниот свет. Извонреден композитор и наобразуван инструменталист на хармоника, од родното Квадарци досега го има свртено целиот свет со своите настапи. Неговата номадска кариера вбројува најмногу настапи низ Јапонија и Кина, соопштија организаторите на фестивалот.
Во паркот на Младинскиот културен центар, под отворено небо, и под строги протоколи, предвидени за организација на настани од овој тип, поради актуелната ситуација со коронавирусот синоќа настапија четири македонски џез состави.
Ова е прв фестивал под отворено небо од областа на културата откако земјава е во здравствена криза. Во организација е на дискографската куќа ПМГЏЕЗ, поддржан од Министерството за култура.
Влезницата е симболични 100 денари, а двете фестивалски вечери се одвиваат според сите протоколи предвидени за организација на настани од овој тип, поради актуелната ситуација со коронавирусот. Задолжително е носење маска, столчињата се поставени на 2 метри растојание.
Бројот на посетители е ограничен на 300 седишта.