Претставата „Нашиот клас“ од Тадеуш Слобоѓањек, во режија на Ханан Снир, а во изведба на театарот „Камери“ и националниот театар „Хабима“ од Тел Авив вечер ќе биде изведена во предворјето на црквата „Света Софија“.
Претставата е приказна за еден клас од селото Једвабне во Источна Полска. Храбар поглед на она што се случило го остава гледачот без здив, шокиран и длабоко потресен, додека се идентификува со она што се случува на сцена. Десетте актери благодарејќи на најсензитивниот и единствен стил на текстописецот и режисерот успеаја да го направат невозможното, гледачот да ги засака и да ги разбере сите што го живееле овој неразумен живот кој им бил наменет од историјата.
„Нашиот клас“ ја обработува темата за комплицираните врски помеѓу Полјаците и Евреите во текот на Втората светска војна. Драмата е локална и универзална приказна, која се случува во селото Једвабне на 10 јули 1941 година, кога полските католички соседи упаднале во домовите на Евреите со кои пораснале, ги заробиле во локалната штала и запалиле 1.600 Евреи.
Иако, драмата говори за локалниот масакр, содржи и универзална порака за секое општество што не ги прифаќа „другите“, каде што децата растат во средина со ниска толеранција, расизам и предрасуди.
Ханан Снир дипломирал театарска уметност на Универзитетот Тел Авив и на Кралската академија за драмски уметности во Лондон каде што предавал и режирал. Од 1990 до 1991 година работел како уметнички директор во театарот „Хабима“. Во 1992 и 1993 година магистрирал социјална психологија на Универзитетот во Бостон. Предава глума на Колеџот Кибуцим. Неговите дела вклучуваат класична драма, изворна израелска драма, адаптации на новелите на Амос Оз и модерни интернационални драми. Добитник е на наградата најдобар режисер на годината и најдобра изведба на „Антигона“ во 2008 година. Номиниран е за наградата Животно дело за 2015 година.
„Нашиот клас“ е номинирана за најдобра изведба за 2015 година во Израел.