Од денеска па се до крајот на годинава спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје ќе биде домаќин на изложбата „Животното дело на Тоше“ организирана од спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево.
На изложбата се претставени фотографии од Тоше, некои досега непознати за јавноста, како и цртежи кои на одбележувањето на 10 години од неговата смрт, на 16. октомври годинава ги насликаа студенти од Штипскиот универзитет.
Директорките на двете национални институции, Рената Кутера-Здравковска и Елена Мирчесвка, на отворањето истакнаа дека целта е да се нагласи она што ги поврзува нив како симболи на хуманост, добрина и љубов. Посочија дека Тоше беше голем следбеник и почитувач на делото на Мајка Тереза и одликуван со статуетки „Мајка Тереза“.
– Влашкиот момент ги поврзува двајцата, но најголемата заедничка нишка меѓу Тоше и Мајка Тереза е хуманоста и подадената рака. Со овој настан сакаме и да ја подигнеме свеста кај народот за помошта и искрената насмевка, онака како што беше нашиот Тоше, рече Елена Мирчевска, директор на спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево.
Тоше, кој беше и амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ, во 2004 година во МАНУ доби плакета и бронзена статуетка „Мајка Тереза“ за својата хуманост. На последниот концерт што го одржа на стадионот на 5 октомври 2007 година кој, исто така, беше хуманитарен и наменет за подобрување на условите во образованието, Тоше доби осветена стауетка од бел мермер „Мајка Тереза“ која тој им ја посвети на своите родители.