Во Културно-информативниот центар вечер ќе биде отворена изложбата „WO-MAN“ на академската уметница Христина Зафировска.
– Проектот нуди лична критика на се повулгарната експлоатација на жената во маркетинг-индустријата. Револтот на авторката произлегува од медиумските претстави за предвидената квазифункција на жената во општеството кои вршат секојдневна инфотортура и свесно наметнуваат норми за изглед и однесување, истакнува кураторката на проектот Маја Чанкуловска-Михајловска.
Зафировска дипломирала сликарство со графички дизајн на Факултетот за ликовна уметности во Скопје. Работи во областа на сликарството, графичкиот дизајн, инсталацијата, цртежот, фотографијата и видеото. Активно учествува на локални и регионални проекти и погранични соработки во културата. Дел е од многубројни фестивали, работилници, групни претставувања на Балканот и во светот.
Изложбата „WO-MAN“ во КИЦ ќе биде отворена до 15 ноември.