Во галерискиот простор на уметничкиот центар „Арт хаб“ вечер ќе биде отворена изложбата „Трилогија, ликови – луѓе“ на Филип Фидановски.
Делата што Фидановски ги прикажува на оваа изложба, особено бистите од третиот циклус „Дијалози во боја“, се на некој начин автобиографски. Автобиографијата има привилигиран статус во хиерархијата на дискурсите кои потекнуваат од западноевропскиот свет, а идејата дека уметничкото дело е начинот на кој се исповедаат личните „вистини“ ја зазема централната позиција во модерната уметничка теорија. Во таа теорија, основниот однос на уметникот и делото, кое патем речено се раѓа во уметникот на еден мистериозен и таен начин (во овој случај и во печките на Филип кои развиваат галактички температури), секогаш може да биде искажан со некоја математичка, опиплива форма.
– Но, мајсторството на формата не е основната цел на Фидановски. Напротив, адаптирањето за да може да се искаже нејзиното внатрешно значење е неговата идеја водилка. Оттаму, основните квалитети на фотографијата како апсолутен показател на реалноста и сета нејзина моќ на верно репродуцирање, посебно кога станува збор за портретот, овде го губат својот примат. Аплицирањето нечие туѓо лице врз својата биста има исповедувачки модалитет во кој уметникот на делото му дава автобиографска димензија, а која гледачот мора сам да ја протолкува…, напишал д-р Кирил Пенушлиски, историчар на уметност за изложбата „Трилогија, ликови – луѓе“.
Фидановски е професор во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ и актуелен претседател на ДЛУМ. Тој магистрирал на Националната уметничка академија во Софија. Од 1995 година до денес учествувал на многу групни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Белгија, Египет, Италија… Учествувал и на голем број уметнички симпозиуми и колонии во Македонија и странство.
Тој е добитник и на многу домашни и меѓународни награди.