Годишната изложба на дела од Родољуб Анастасов од колекцијата на галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов” ќе биде отворена вечер од 19 часот во Музеј на град Скопје каде што е сместена галеријата.
Ќе бидат презентирани 30-ина ликовни дела од различни периоди (од 1959 до 2005 година) и припаѓаат на неколку различни циклуси од творештвото на Анастасов: слики од циклусите „Во потрага по изгубениот простор”, „Човек и време”, „Спектар на светлосниот извор”; акварели и пастели од еден од најпознатите и најобемни циклуси од неговото творештво – „Човек и простор” и цртежи изработени во техника туш на хартија од т.н. енформелска лабораторија.
Родољуб Анастасов (1935, Скопје) е пензиониран професор по сликарство на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Изложбата на дела од неговото творештво е годишна и ќе биде поставена до декември 2020 година.