Изложба „Низ четката на преспанските уметници“ во Ресен

Од:

Во Ресенскиот сарај синоќа беше отворена шестата ликовна изложба „Низ четката на преспанските уметници“, организирана од Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен.

Убавините на Преспа се претставени на делата на 20-ина ликовни уметници кои учествуваат на изложбата. Шестгодишната традиција на организирање роднокрајна уметничка изложба веќе трета година по ред ги опфаќа делата кои беа создадени на ликовната работилница која годинава се одржа во прекрасниот планински предел кај Крстот над селото Подмочани, во пазувите на Баба Планина.

Васко Василевски, директор на Домот на културата, истакна дека ваквите изложби служат да го инспирираат секој кој во себе ја негува љубовта кон ликовната уметност, да не се откажува, да создава, сеедно која е неговата возраст, пол, образование или работа.

– Ресен отсекогаш бил и ќе биде една мултикултурна и мултиетничка средина, во која сознанијата за секоја, па така и за ликовната уметност, меѓу себе ја споделуваат Македонци, Турци, Албанци, па дури и странци кои се нашле на оваа наша територија. Домот на културата „Драги Тозија“ изминатите години навистина стана храм на уметноста. Направивме многу, за што говорат бројките на одржани настани, а уште повеќе присуството на публиката, што е наше најголемо задоволство. Наша заложба ќе остане и натаму да бидеме културниот столб на Преспа, да носиме нови содржини, да се соочуваме со нови предизвици и да покажеме дека жителите на Преспа заслужуваат многу повеќе отколку само да бидат поврзувани со земјоделство или политика, рече Василевски.

Изложбата ја отвори ресенскиот градоначалник Ѓоко Стрезовски, кој истакна дека и натаму заложба на локалната самоуправа е да го поддржува културниот развој на Преспа.

– Се надевам дека изложбата ќе биде само поттик за сите нас кои ја водиме општината и Домот на култура и воопшто уметноста и културата во нашата општина, со уште посилно темпо и динамика да ги поддржиме и да ги помагаме и секогаш да бидеме зад нашите роднокрајни уметници и зад сите оние коишто не претставуваат во Преспа, но и надвор од Преспа, истакна Стрезовски.

За изложбата е објавен и каталог, а нејзиното отворање е дел од активностите на почетокот на Ресенскиот јаболкобер, кој официјално ќе почне денес.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски