Центарот за култура од Битола ја промовираше 45. Државна изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“.
Годинава, со свои колекции на изложбата учествуваа 64 основни училишта од земјава со над 1.500 творби, а најуспешните 630 се изложени пред јавноста.
– Најубавите креакции на светот ги создаваат детските очи, бидејќи низ нивната визура работите имаат поубави бои, поголема вредност, помагични се… Детската ликовна изложба е еден поттик да инспирираме, да наградиме, да се запознаеме со самите нас и да оставиме нешто трајно, кое ќе говори уште долго… Од година во година, бројот на учесници расте, а со тоа е награден нашиот труд и ентузијазам. Детската изложба инспирирана од народното творештво стана препознатлив знак во нашиот Центар за култура, изјави Маја Андоновска Илијевски, директорка на Центарот за култура.
Дел од учесниците на изложбата добија специјална награда за континуирано учество, награда за најдобра колекција, поединечни награди за најуспешни ликовни творби, а награди добија и ликовни педагози од повеќе македонски градови.