Галеријата „Метаноја“ во соработка со „Балканскиот институт за вера и култура“ поканува на отворањето на изложбата „Таен премин кон Месечината“ на Ване Костуранов, во вторник 28 ноември 2023 година од 18:00 часот на ул. Максим Горки бр. 19 во Скопје. Изложбата ќе трае и во текот на јануари 2024.
За изложбата д-р Коста Милков вели, „Конечното уметничко дело е комплетирано преку „техне“ и „логос“ не во смисла на современиот композит „технологија“, туку во смисла на егзистенцијалната феноменологија. Овие два концепта се неизбежно поврзани на нивото на соодносот меѓу уметничкото (τέχνη) и словесното (λόγος ). Процесот на креативната концептуализација со бои и четка и мисловната концептуализација со зборови и перо овозможуваат артикулација на она што генерички се именува како духовно. Притоа „техне“ ја претставува естетската рефлексивност, а „логос“ ја изразува контемплативната поетичност. Куќичките, дрвјата, патеките, Сонцето и Месечината на Костуранов се уметничка поезија.“
На изложбата ќе се обрати рецензентот д-р Коста Милков, директорката на Галерија „Метаноја“ м-р Нада Милкова и авторот на делата Ване Костуранов.