Во Кавадарци синоќа беше отворена изложба на слики од уметникот Павле Кузмановски, кој живее и твори во Тетово. Авторот претстави поголем дел од циклусот од 30 дела насловен „Инспирација, пријатели, традиција, искуство и автопортрети“.
– Павле Кузманоски е едно од најистакнатите имиња на современото македонско сликарство. Приредил педесет самостојни изложби, а учествувал на над 250 групни изложби во земјата и странство. Добитник е на национални и меѓународни признанија, рече промоторот Ѓорѓи Филипов, поранешен амбасадор во СР Германија и Австрија, кој во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци ја промовираше и својата книга „Разумни сили“.
Книгата содржи куси написи на лични доживувања или размислувања на темите љубов, мудрост, доблест, вистина и правда. Авторот на поимите не им пристапува од теолошки, религиски, социолошки или филозофски аспект, туку од литературна, прозно-поетска гледна точка, со што тие добиваат поинаква, динамичка компонента, подеднакво станувајќи привлечни и за љубителите на белетристиката, како и за љубителите на духовната или филозофската литература.