Во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“ денеска напладне ќе биде отворена изложба на ликовниот уметник Павле Кузманоски, кој годинава одбележува педесетгодишен јубилеј творештво.
На изложбата ќе бидат претставени триесет слики кои авторот ги создал во последните неколку години.
– Павле Кузманоски (Тетово,1939) спаѓа во редот на уметниците кои изградија свој оригинален сликарски свет, препознатлив и високо вреднуван од ликовната критика. Во изминатиот петдецениски период организирал над педесет самостојни изложби, а со свои дела учествувал на бројни групни претставувања на нашето сликарство во Македонија и во странство. За своето творештво, Кузманоски е добитник на национални и меѓународни признанија, соопшти „Матица“.
Изложбата ќе ја отвори писателот Милован Стефановски.