Изложба на уметнички фотографии од Александар Кондев и Илија Узуноски синоќа беше отворена во галеријата при Домот на културата „Иван Мазов-Климе” во Кавадарци. Ликовниот уметник Владимир Темков и директорот на културниот дом Александар Малинков изразија чест и задоволство што во Кавадарци се реализира еден ваков настан.
Изложбата ја отвори мајсторот на фотографија Љупчо Илиевски, кој нагласи дека привилегија е да се видат фотографиите од овие двајца врвни автори.
– Еднаш фотограф, за цел живот фотограф, тоа го докажува и Илија кој од Битола заминал во Австралија, каде станал магистер по фотографија. Со Кондев кој залудно не е професор по фотографија, комуницираме четириесетина години и се консултирам за секоја моја изложба, тоа е човек кој несебично ги споделува сите тајни околу фотографијата и дава нефилувани мислења кои секогаш се точни. Вечерва имаме збир на двајца сосема различни автори по приодот на фотографијата, а исти, Македонци, видени од два агла, двајцата посебно интересни, рече Илиевски.
Во своето обраќање пред присутните, Узуноски сподели дека иако живее во Австралија, припаѓа тука. Одлучиле тој да го прикаже австралискиот живот, а неговиот колега, македонскиот.
Кондев рече дека една од целите на оваа изложба подготвувана повеќе од година дена, е, да се покаже љубовта кон ова парче земја кое на сите ни дало живот.
Изложувањето на овие фотографии кое започнува во Кавадарци, а идејата е да продолжи и во други градови, е во организација на кавадаречкиот културен дом, со поддршка на Министерството за култура и локалната самоуправа.