Во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија вечер во Галерија 8 – Безистен Стара скопска чаршија ќе биде отворена изложбата на ликовниот уметник Радован Росиќ-Раде, еден од најистакнатите сликари од првата генерација македонски ликовни уметници дипломирани на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
На оваа изложба ќе бидат претставени девет дела од неговиот опус настанати во период помеѓу 1985-1991 година, кои се дел од приватна колекција на еден од македонските колекционери.
Росиќ студиите ги завршил во класата на професорот Петар Мазев, а потоа заминува во Франција на постдипломски студии и специјализација, каде реализира самостојни изложби и учествува на групни изложби и голем број мултимедијални хепенинзи и перформанси. Неговите дела се во бројни колекции ширум светот и во земјата.