Во Галеријата за современи уметности FLUX во Скопје од денеска до 30 мај ќе биде отворена изложба на скулптури „Спонтан израз“ на уметникот Александар Ефтимовски.
– „Спонтан израз“ е изложба посветена на случајноста, бидејќи уметноста е случајна, а заедно со неа случајни се и ефектите кои ги оставаат самите алатки. За една скулптура да биде цела или комплетна, клучен е изборот на материјал, димензија, композиција, а секако и ликовните елементи, соопшти галеријата.
Ефтимовски е млад автор кој основите на своето творештво ги стекнал на академиите во Италија. Карактеристично за неговите дела се чистите плоснати површини, острите агли и перфорациите.
– Особено впечатливи се засеците кои авторот ги одзема од самата компактна форма. Во последно време Ефтимовски е посветен на изработка на скулптурални објекти од голем формат на европските и светските симпозиуми на скулптура, наведува организаторот на изложбата.