Изложба на накит, концерти и кафе кино на Скопско лето 2015

Од:

Изложба на накит насловена „Големата мајка божица и земјот“, концерти, отворање на Кафе-киното и една театарска премиера, се на програмата во наредните неколку денови на годинашното Скопско лето.

Никола Глигоров од Дирекцијата за култура на Град Скопје на денешната прес-конференција истакна дека изложбата на накит е авторство на две уметници Билјана Клекачкоска од Македонија и Тина Кодер Грајзер од Словенија, кои работат во две сосема различни техники и во два медиума – филигран и чипка, а кои целосно се испреплетуваат.

– Со Тина се запознавме пред неколку години и согледавме дека и двете работиме древна традиционална техника кои се типични за поднебјата од кои доаѓаме, а кои ги третираме на современ начин и од таму произлезе можноста за соработка. Баравме некакви симболи кои би ги споиле и така дојдовме до Љубљанскиот змеј и до Големата мајка божица. Првата изложба се одржа лани во Љубљана, во ноември, а сега сме гости на Скопско лето и ја претставуваме изложбата во проширено издание, вели Клекачкоска.

Кодер Грајзер додаде дека таа е порасната со т.н. идријска чипка која ја изработува, а која е позната и како чипка на Идријската школа.

Претставата „Кафе без цигари“ е во режија на Теа Беговска, а ќе биде премиерно изведена на 7 јули во 22 часот во ноќниот клуб „Балет“. Соработката со Беговска, додава Глигоров, воопшто не е случајна, туку е продолжение на успешната соработка реализирана минатата година.

– Станува збор за експериментална претстава, проект кој се создаваше со четири млади актери, а името „Кафе без цигари“ доаѓа како пандан на некомплетно задоволство. Го проблематизира прашањето дали театарот исто толку ни дава колку ние нему. Во претставата има еден лик кој постојано ги провоцира останатите и ги спречува да дојдат до целосно задоволство, вели режисерката Беговска за која ова е петти проект со кој ја потврдува определбата да истражува со претстави играни на алтернативни сцени.

Автор на музиката е Енес Беговски, дизајнот на плакатот е на Александра Самара Илиќ, а фотографиите на Ерина Богоева. Во претставата настапува млада артистичка екипа: Емилија Мицевска, Бобан Кулески, Никола Кузелов и Миа Кантарџиева. Репризите на претставата се на 8 и 9 јули во истиот клуб во 20 часот.

Во рамки на музичката програма утревечер во Музејот на Град Скопје концерт ќе одржи Маурицио Анунциата, пијанист од Италија со аргентинско потекло. Концертот е насловен „Аргентинско пијано, емоција и виртуозност“, а гостинот ќе изведе и дело инспирирано од македонската фолклорна музика – Соната 8. Тој за себе вели дека е повеќе предодреден кон компонирањето и е одушевен од фолклорната музика на Македонија, Шпанија и Аргентина во која гледа сличности.

Првпат во рамки на Скопско лето ќе биде одржан и концерт во домашен амбиент. Станува збор за концертот на пијанистката Елена Костовска кој ќе го одржи в недела во салонот „Каваи“ во населбата Аеродром. На програмата, меѓу другото, е и концертен настап на ансамблот за современа музика „Сонорис“. Лејла Беќири на флејта, Шкељзен Бафтијари на пијано, Марјан Милошевски на фагот и Игор Бакревски на кларинет со сопранистката Марија Наумовска ќе настапат на 2 јули со почеток во 20:30 часот во Музејот на град Скопје.

Скопската публика ќе може да го проследи и концертот на Студентскиот симфониски оркестар од Утрехт, Холандија,  на 9 јули во Куршумли ан, како и настапот на концертното дуо „Арт Вангард“ составено од Калина Мрмевска-пијано и Агнес Калај-виолончело од Унгарија на 10 јули во Музеј на град Скопје

Традиционалното Кафе кино годинава отвора на 6 јули со проекцијата на „Ида“ од Павел Павликовски. Ќе понуди 10 филма, повеќето филмски остварувања се блокбастери кои ќе бидат прикажани во амбиентот на Сули ан, срцето на Скопје во терминот од 21 часот, освен последниот „Жени“, албанско-американска копродукција чија премиера е закажана на 10 јули во 20 часот во Милениум.

Би можело да ве интересира

Откажан перформансот „Во моите чевли”, во Сули ан перформанс на Михаил Парушев

Концерт на хорот „Фрида“ на Скопско лето

Драмски со претставата Фирма на Скопско лето

44. издание на Скопско лето со преку 30 културни настани и богата програма ја одржува традицијата како еден од најдобрите фестивали за култура

Со концерт на Ори Даган завршува „Скопско лето“

Kонцерт на Киц Поп Хор на Скопско лето 2022