Изложба на македонските уметници од ликовната група “Конекција 2”, денеска ќе биде отворена во Општина Харманли во Република Бугарија, со што ќе започнат Деновите на Општината.
Изложбата е на покана на градоначалникот на Општината Михаил Лисков, кој заедно со Васко Шутаров, директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Бугарија, свечено ќе ја отворат во Културниот центар на Харманли. Делата на македонските уметници публиката во овој дел од Бугарија ќе може да ги види до 18 мај, кога оваа изложба се сели во Пловдив.
Ликовната група “Конекција 2” ја сочинуваат 11 уметници од повеќе градови во Македонија, кои имаат студирано, магистрирано или докторирано на НХА во Софија: Марјан Ѕин од Струмица, Иво Пецов од Виница, Адриана Јованоска од Прилеп, Зоран Мише од Охрид, Иван Стоименов од Скопје, Горан Тричковски од Делчево, Јорданчо Ристовски од Крива Паланка, Павел Целкоски од Охрид, Слободан Милошески од Кичево. На оваа изложба и следните две закажани за во градовите Пловдив (18 мај) и Созопол (3 јуни), на групата ќе и се придружат и Ице Огненовски-Мерко од Битола и Јовица Миленов од Делчево, кои имаат дипломирано на НХА.
Во концепцијата “Конекција 2” ќе бидат претставени дела од графичката уметност, сликарството, скулптурата, како и обработката на метал.
Првата изложба на групата ликовни уметници од “Конекција 2” се одржа во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, во јули 2012 година. Во 2014 година беа организирани изложби во Велико Трново и Благоевград, а во 2015 година изложби на групата се одржаа во КИЦ на Р.Македонија во Софија и во градот во Русе.