Во Музејот на Македонија вечер од 19 часот ќе биде отворена изложба на ликовни дела од Васко Ристовски, насловена „Македонска наивна уметност“. Ќе бидат презентирани дваесет и седум дела работени во техника масло на стакло.
Ристовски е истакнат претставник на наиванта уметност во Македонија. Роден во Скопје во 1967 година, почнал да твори во 1995 година.
– Работејќи во техника масло на стакло, Ристовски остварува високи ликовни вредности кои ја изразуваат неговата бујна имагинација. Поетиката на неговото творење изобилува со динамика, нарација, колорит и мистика. Ристовски успева низ интелектуалниот израз да ја прикаже радоста на живеењето, како синергија на фантастиката и реалноста, соопшти Музеј на македонија во најавата за изложбата.