Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци ги најави настаните што ќе се одржуваат во декември.
Во Галеријата при Домот на културата денеска ќе биде отворена изложба на карикатури „И после се животот е убав“ која е во рамките на Фестивалот за хумор и сатира „ИН Виница веритас“, во организација на Домот на културата „Тошо Арсов“ од Виница.
Театарот при кавадаречкиот дом на културата утре премиерно ќе ја изведе претставата „Не сега драга“, според текст на Реј Куни, во режија на Диме Боцев. Во претставата играат: Диме Коцевски, Магдалена Атанасова, Видан Станоев, Надица Анѓелкова, Александар Малинков, Александар Видиков, Сијче Трајкова, Диме Боцев и Сашко Орешков. Репризно претставата ќе биде изведена на 10 и на 11 декември.
До крајот на годината, како што информира Домот на културата „Иван Мазов-Климе“, ќе следува и концерт на Фолклорниот ансамбл „Тиквеш“ заедно со децата од посебната паралелка при ОУ „Страшо Пинџур“ Кавадарци, премиера и репризи на детска новогодишна претстава, балетски концерти и годишната изложба на Друштвото на ликовните уметници Кавадарци (ДЛУК).