Во НЛБ Галерија од вчера е поставена изложба на фотографии направени за време на Европското и Светското првенство во змејарство во Крушево што се одржа од 8 до 21 јули.
Автори на фотографиите се Билјана Спасковска, Виктор Богданов, Горан Цветкоски, Далибор Лазаревски, Дејан Атанасов, Димитар Михајлов, Драган Лазоски, Илина Атановска, Леонид Ристановски и Марко Цветковиќ.
Фотографиите ја доловуваат атмосферата од ова лето во Крушево, каде што се натпреваруваше светската елита од 150 пилоти, а Република Македонија вторпат беше во фокусот на светската воздухопловна спортска јавност и домаќин на околу 300 учесници, пилоти и официјални гости кои престојуваа во градот.
Натпреварите беа организирани од Воздухопловната федерација на Македонија, а НЛБ Банка оваа година беше спонзор на двете првенства.
– Талентираните автори, кои се занимаваат со аматерска фотографија, се вработени на различни позиции во НЛБ Банка, а нивните дела од најдобрите моменти од меѓународните натпреварувања во змејарство и од локалните културно-историски споменици, ќе останат изложени во НЛБ Галерија се до 27 август, соопшти НЛБ Банка.
Изложбата за отворена синоќа ја прогласи Владимир Бараковски, претседател на Воздухопловната федерација на Македонија.