Изложба на фотографии од Милчо Манчевски во МСУ

Од:

„Уметничкиот пристап на Милчо Манчевски кон создавање слики постојано ги поместува границите и ги избегнува конвенциите. Во „ТАМУ“, тој нѐ води на патување кое е исто толку за чинот на гледање, колку и за сетилното искусување на местото“. Вака пишува ирскиот уметник и декан на Колеџот за уметност „Бурен“, Конор Мекгрејди за престојната изложба фотографии на Манчевски, која ќе биде отворена на 1 октомври во Музејот на современата уметност Скопје во 20 часот. Настанот ќе биде и промоција на книга со фотографии од изложбата „Таму“, на издавачката куќа „Антолог“.

Во книгата и изложбата избрани се 88 колор фотографии, создавани во период од десет години.

Кураторка на изложбата Бојана Јанева-Шемова вели: „Уникатноста на уметничката фотографија на Манчевски е во визуелниот јазик, кој допира до секого поради универзалните емоции кои зрачат од интеракцијата на ликовите, поставеноста на елементите кои ја градат композицијата и колоритот кој напати остава без здив. Визуелната моќност е присутна во сите негови дела, сугерирана пред сѐ од композициската структура до совршеност донесена во некои дела преку прочистена и смирена симетрија, во некои тенденциозно прекршена со цел да пренесе поинакво чувство. Колку и да се на прв поглед непретенциозни секвенците од „Таму“, при задлабочување полека откриваат слоеви на обмислена идеја, длабоки чувства и силни бои на животот во целост“.

„Таму“ го надградува и го проширува досегашниот опус на фотографски дела на Манчевски, „Улица“ и „Пет капки сон“.

„Во овие проекти визуелната текстура на урбаниот живот се манифестира низ композициска и наративна игра, и овој динамичен и експериментален пристап кон создавање слики го обликува „Таму“. Бојата е клучен слој што дефинира во овие дела. Избива од полиња урбано сивило, ја заситува перспективата на сликата или функционира како централен елемент во композициски колаж. Во „Таму“, бојата го дава ова визуелно закотвување и тече како поток низ овие слики. Таму ги отфрла границите – географските, формалните и другите. Како таква, Таму може да биде каде било, и на крајот е секаде“ вели во предговорот на книгата Мекгрејди.

Книгата „Таму“ е мултимедијален книжевно-уметнички проект. Издавачката куќа Антолог и Манчевски го работеа повеќе од две години. Книгата, дело за најпрефинетите сладокусци на фотографијата, спакувани во тврди корици и на хартија со внимателно избран квалитет е печатена во „Датапонс“, а самите фотографии во голем формат за изложбата се печатени во „ПиксПлус“.

„Го искомбиниравме перфекционизмот на Манчевски со највисоките стандарди на „Антолог“ за да создадеме една прекрасна приказна – моменти, фатени од најпрецизно око и објектив, без „кропирање“ и „фотошоп“, сплотени во остварување што ќе донесе нова свежина во светот на фотографијата и книгоиздателството. Од неодамна во нашиот издавачки опус е вклучена едицијата „Сталагмити-Сталактити“, со која отвораме ново поглавје на вклучување визуелни уметности, и неизмерно е задоволството што уште на самиот почеток на оваа едиција, како втора книга издаваме вакво вредно дело од нашиот најпознат режисер и автор“ велат од „Антолог“.

Дизајнот на книгата е на Моника Стојчевска, а колор обработката на Александар Петревски и Орце Поповски.

Книгата ќе биде достапна за продажба веќе од 1 октомври во целата дистрибутивна мрежа на „Антолог“, која ги вклучува книжарниците „Антолог“ и електронската книжарница антолог.мк, како и над 30 други продажни места низ целата држава.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Р. С. Македонија како дел од Годишната програма за 2020.

Со „Таму“, Манчевски го промовира новиот хештаг #никропнифотошоп (#nocropnophotoshop) со кој посочува дека неговите фотографски дела, не се ниту кропирани, ниту манипулирани во пост-продукција. Тие се моменти на уличното секојдневие естетизирани во мигот на улов.

Би можело да ве интересира

„Кајмак“ на Манчевски награден на фестивал во Палермо

Уште една награда за Милчо Манчевски, овојпат во Италија

Награда за „Кајмак“ на Манчевски во Калифорнија

„Кајмак“ претставен на Сараевскиот филмски фестивал

Предраг Петровиќ

Лазаревски реагира на објавата на Венецискиот филмски фестивал: Нема прогон на автор, туку расчистување на финансиски злоупотреби

Сара Климоска најдобра актерка на Филмскиот фестивал во Сомбор