Изложба на фотографии од 76-годишнината од депортацијата на македонските Евреи

Од:

На „Скопско лето“ вечер од 20.30 часот во Ликовниот салон на Културно-информативниот центар во Скопје ќе биде отворена изложба на фотографии „Спомен од Битола 2019“, во соработка со Амбасадата на Израел и здружението „Acta Non Verba“. Изложбата ќе претстави 27 победнички фотографии избрани од жири на интернационалниот натпревар „Спомен од Битола 2019“.

Во март годинава, на комеморијалните настани во Битола, Штип и Скопје за 76-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија во Треблинка, учесниците беа поттикнати да фотографираат и да учествуваат на натпреварот. Од неколку стотици фотографии, осумчленото жири под претседателство на Јижак Адијас ги избра победничките фотографии кои ги прикажуваат настаните од март.

-Оваа изложба е уште еден начин на кој приказната ќе биде раскажана. Да се споделат комеморијалните моменти и да се запомни заедницата која беше речиси целосно загубена. Исто така е дел од раскажувањето на приказната за чистењето и зачувувањето на старите еврејски гробишта во Битола и маршот на живите кој веќе станува традиција. Стотици Израелци им се придружуваат на локалното население и на странските гости со цел да го одбележат споменот за 7144-те Евреи кои беа земени и не се вратија, соопшти „Скопско лето“.

Изложбата беше прикажана во Министерството за надворешни работи на Израел, а во Скопје гостува како резултат на соработката со израелскиот Фонд за кооперација и за промоција на проектот во Битола и со поддршка од „ARHAM“ и „Acta non verba“.

Во придружната програма на „Скопско лето“ вечер ќе има и концерт на популарниот српски рокер Ѓорѓе Давид и неговиот бенд „Death saw“, со настап во Сули ан од 21 часот.

Ѓорѓе Давид дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Белград. Активно се занимава со глума, учествувал во повеќе познати филмови и театарски претстави. Претходно членувал во музичките групи „Генерација 5“, „Ганг“ и „Fuzzbox“.

Би можело да ве интересира

Откажан перформансот „Во моите чевли”, во Сули ан перформанс на Михаил Парушев

Концерт на хорот „Фрида“ на Скопско лето

Драмски со претставата Фирма на Скопско лето

44. издание на Скопско лето со преку 30 културни настани и богата програма ја одржува традицијата како еден од најдобрите фестивали за култура

Со концерт на Ори Даган завршува „Скопско лето“

Kонцерт на Киц Поп Хор на Скопско лето 2022