Во организација на Националната галерија на Македонија вечер во Народниот музеј на Црна Гора (Црногорска галерија на уметноста Миодраг Дадо Ѓуриќ) во Цетиње, Црна Гора ќе биде отворена изложба на македонските уметници Жарко Башески и Атанас Ботев.
Жарко Башески е автор чие творештво е изложувано во повеќе галерии и музеи, има остварено повеќе скулптури во јавен простор и беше претставник на Македонскиот павилјон на 54. Меѓународно уметничко биенале во Венеција, 2011 година. Интересот во неговото творештво е свртен кон човекот, па оттаму и интересот за хипер-реалистичкиот приод во обликувањето на концептот на делото, кој говори за животот и за реалноста во која живееме.
Тој во потрагата за гносеолошки и онтолошки одговори за човекот, преку неслучајно именуваниот циклус на склуптури Зад погледот, нè воведува во аутистичката празнина на денешното социо-општествено живеење, но и можноста за себеистражување, себеоткривање и себеизградување и менувањето како на визијата, така и на вистината за себеси и за човековото постоење. Основна цел во делото на Башески е да се изрази слободата на авторот во мисловниот превод на личното доживување за светот во кој живееме и неговото естетско визуелно вообличување како чин на себеспознанието.
Атанас Ботев, како сведок на актуелните случувања и ситуации, ја гради својата естетска стратегија на демистификација на овие општествени феномени. Тој ги коментира рецентните општествени, политички и културни превирања како на локално, така и на глобално ниво. Во контекст на неговиот интерес за креирање синтеза на историските уметнички правци и за реакција на општествено-политичките идеологии од далечното и блиското минато, иронично и понекогаш и саркастично реагира со транспонирање и редефинирање на актуелните состојби, при што го соголува системот во кој главен збор водат организации на водечките светски сили што под превезот на “подобрување на животната средина” го преструктуираат глобалниот поредок, сè заради зачувување на сопствениот интерес.
При дефинирањето на ликовниот јазик што Ботев го користи во реализацијата на своите дела, може да се каже дека е визуелен номад, спојувајќи повеќе сликарски техники и медиуми (сликарство, цртеж, графика, колаж, фотографија, плакат, стрип, инсталација…), така што секој елемент е во функција на флуидност во креирањето на делото. Во отсликувањето на визулените прикази и приказни, но и приказ(н)и што освен наративниот заплет поседуваат и пластични прочистени сентенции од реалноста, структуирани во надреални секвенции, говорат за менталната линија на опредметувањето на континуитетот и на реалитетот.
Изложбата ќе биде отворена до 14 декември 2014 година. Куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски.