Изложба на Анкица Митровска во МКЦ

Од:

Во Младинскиот културен центар (МКЦ) вечер, со почеток од 20 часот, ќе биде отворена изложбата „CAUTION: X.G.O.T.A.G.O.!“ на Анкица Митровска. Изложбата формално се состои од серијал (2014 – 2020) од експресивни цртежи во техника на јаглен на хартија, кои како индивидуални исечоци и хартиени банери се комбинираат во конструирана наративна ѕидна инсталација.

Како што соопшти МКЦ, главни ликови во оваа инсталација се имагинарни, андрогени, хуманоидни мутанти полни со сарказам, сатира и двосмисленост во различна големина, форма и функција. Создадени се од бројни визуелни метафори како што се ранливи пози, со или без екстремитети, деформирани глави и делови од тела, зголемени очи, експресивни линии и подредени композиции.

– Ликовите се во постојан циклус на принудна трансформација од структурите на моќ, во состојба на збунетост, не знаат во што ќе се претворат, заробени во нешто против својата волја или надвор од нивната контрола. Како (ин)директна последица од социјалната и психолошката состојба, која ја претставува вознемиреноста на поединецот или колективот, но и трансформациите при отпорот или прифаќањето на општествените промени, мутатните ликови егзистираат во просторот со цел да „предупредат“, „потсетат“, но и да „освестат“, се вели во соопштението.

Преку многубројните метафори и специфични симболики карактеристични за нејзиното творештво, Анкица, како што се наведува, (ин)директно ги предизвикува посетителите на критичен дискурс, во смисла да бидат испровоцирани да размислуваат и да ги преиспитуваат претставените начини за справување со современите општествени кризи и стравови.

Анкица Митровска е родена во 1979 во Скопје. Дипломирала во 2010 на Универзитетот Алабама во Ханствил во Соединетите американски држави, отсек Применета уметност и историја на уметност. Од 2011-2014 работи како постдипломски асистент и инструктор, но и како асистент во универзитетската уметничка галерија при Универзитетот Вичита Стејт во Канзас (САД). Во 2014 година магистрира сликарство на истиот универзитет. Во 2016, таа се враќа во Скопје и ја основа програмата за престој на меѓународни уметници/писатели „Брашнар Креативен Проект“ во Скопје. Живее и работи помеѓу Република Северна Македонија и САД.

Досега остварила осум самостојни и многубројни групни изложби во земјата и странство. Како наградувана уметница учествува и во уметничките резиденции Арт Фарм во Небраска, Вермонт Студио Центар во Вермонт, Атпост Ресиденција во Мисури, Грин Сити Колектив во Ајова, Joya: arte&ecologia Residency во Шпанија и Cold Bench AIRO во Италија.

Би можело да ве интересира

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски

Изложба „Простор и тишина“ на Билјана Билбилоска