Во организација на Националната установа Музеј на современата уметност и културниот – информативен центар на Република Македонија, во Софија, Република Бугарија, денеска ќе биде отворена изложбата на МОМИ-те, Ана Ивановска, Марија Сотировска, Зорица Зафировска, Кристина Зафировска, Кристина Хаџиева, академски сликари, Татјана Ристовска-вајар и Маја Кировска-графичар.
Овој проект на МСУ во јуни оваа година беше презентиран во Белград, Република Србија во соработка со Културниот центар на градот.
Пред културната јавност на Софија, Музејот на современата уметност ќе има можност втор пат, надвор од Македонија, да ги претстави седумте различни сензибилитети, седумте различни творечки мигови, на овие млади уметници, претставници на современата македонска ликовна сцена, чии дела привлекуваат внимание според техниката во која се работени (цртеж, графика, инсталација, објект и сликарство).
Темата или приказната на младите моми со различни страсти и видувања во животот.
Седум македонски уметници се претставуваат со дела што се создадени во рамките на рецензентните размислувања во претходните нивни изложби.
Изложбата „МНОЖЕСТВО, БОЖЕСТВО, РОЖДЕСТВО“, која е дел од програмските активности на МСУ и КИЦ во Софија за 2013 година, финансиски поддржана од Министерството за култура на Република Македонија, е проект на кураторот Ива Петрова-Димовски.
На отворањето на изложбата на присутните ќе им се обратат директорот на Културно – информативниот центар Васко Шутаров и директорката на НУ МСУ Елиза Шулевска.
На изложбата ќе присуствуваат и дел од МОМИ-те. Изложбата ќе биде отворена до 16. октомври 2013 година.