Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија вечер ќе биде отворена изложба на автентични фотографии посветени на Мајка Тереза од хрватскиот фоторепортер Звонимир Атлетиќ и архивски фотографии од животот на Мајка Тереза во родниот град Скопје.
Изложбата е насловена „Мајка Тереза – икона на милосрдието” и КИЦ ја организира во соработка со Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје.
Изложбата ќе ја отворат директорите на двете институции, Васко Шутаров и Рената Кутера-Здравковска, а за посетителите ќе биде отворена до 5 ноември.
На изложбата ќе бидат презентирани и документарни филмови за делото на големата хуманистка, а на неколку паноа ќе биде презентирана и Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје.
Ова е второ поголемо претставување на Спомен-куќата и фотографската збирка надвор од Македонија (првото беше во Рим во 2012 година) и се реализира со поддршка на Министерство за култура на Република Македонија.