Во Културно информативниот центар на Република Македонија во Софија (КИЦ) вечер ќе биде отворена заедничка македонско-бугарска ликовна концепција, со наслов „Како Јас, а како Ти?” на која со свои творби ќе се претстават три ликовни уметници, Гордана Хаџи-Николова Малашев, скулптор и носител на проектот, Кристина Битракова – графичар и Галина Николова – сликар.
Трите уметници се генерациски блиски, комуницираат и соработуваат подолго време а оваа концепција за прв пат ќе биде презентирана во овој формат, со дела препознатливи за опусот на уметниците.
Изложбата ќе ја отвори директорот на Центарот, Васко Шутаров а проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и е дел од јубилејната програма на КИЦ на Република Македонија во 2015 година.
Гордана Хаџи-Николова Малашев е родена во Гевгелија во 1976 година. Има завршено Средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ и Факултет за ликовни уметности, отсек „Вајарство“ во Скопје (2000). Од 2003 година е магистер е во областа на вајарството. Член е на ДЛУМ и на уште неколку ликовни здруженија. До сега има реализирано 12 самостојни изложби во Македонија, Русија, Франција и Германија. Има многубројни учества на групни изложби воМакедонија и странство.
Галина Николова е родена во Велико Трново, Бугарија во 1976 год. Има завршено Факултет за ликовна уметност на Универзитетот во Велико Трново, на отсекот за сликарство во 2001 година, а подоцна се здобива со постдипломска квалификација за „Композиција во сликарството“. Во 2007 год. брани докторска дисертација на тема: „Стилски карактеристики на арбанашките фрески од крајот на ХVІ до крајот на ХVІІ век”. До сега има реализирано десетици самостојни изложби, учесник е на многубројни групни ликовни манифестации.
Кристина Битракова е родена во Охрид во 1976 година. Има завршено Средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ и Факултет за ликовни уметности на отсек „Графика“ во Скопје (2000). Магистер е во областа на графиката од 2003 година. Член е на ДЛУМ. Има учествувано на многубројни групни изложби во Македонија и странство. Реализирала неколку самостојни изложби во Македонија, Бугарија и Германија.