Центарот за современи уметности Скопје за утревечер (6 октомври) во Чифте Амам, го најавува отворањето на изложбата: ДЕНЕС (уметноста), на тројца последни добитници на наградата за млад ликовен уметник „ДЕНЕС“.
Со свои дела се претставуваат Иван Ивановски (добитник на наградата „ДЕНЕС“ во 2014), Филип Јовановски (добитник на наградата „ДЕНЕС“ во 2013) и Велимир Жерновски (добитник на наградата „ДЕНЕС“ во 2012). Куратор на изложбата е Ивана Васева. Оваа изложба е финасиски поддржана од Министерството за култура. Освен изложба, Центарот за современи уметности организира и презентации и разговори со уметниците, бидејќи оваа престижна награда што се доделува во повеќе земји во Европа (Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Словачка и други) подразбира престој на уметниците во Њујорк.
Програма: 06.10.2015 год. (вторник) – Отворање на изложба во 20,00 ч. 07.10.2015 год.– Презентација и разговор со наградените уметници за стекнатите искуства по посетата во Њујорк, САД.- 19.00 ч. 08.10.2015 год. – Работилница (за уметници кои би аплицирале на Повикот кој ќе биде објавен од страна на Центарот за современи уметности Скопје за наградата ДЕНЕС 2016 година) – 19.00 -21.00 ч.
Ова заедничко претставување, обединето во изложба, од една страна реферира на принципите на функционирање на македонската ликовна група „Денес“, основана во 1953 година но и на уметноста денес, која го поттикнува прашањето што и на каков начин се создава во земјава во моментов посебно имајќи ја како позадина целата социо-политичка ситуација а како преден план самиот уметник и неговиот ангажман. Оваа поставка овозоможува простор и за преиспитување на значењето на наградата како и на придобивките кои ги носи преку искуството делувајќи во една интернационална средина како Њујорк.
Групата Денес, како и наградата, е за активна борба против застарените ликовни разбирања, а овој приказ на уметничките видувања и размислувања на Ивановски, Жерновски и Јовановски ги искажува рецентните и актуелните разбирања но и реалности користејќи различни медиуми (сликарство во комбинирана техника, инсталација, видео, принтови) во истражување на современи политички и општествени констелации. Овие проекти се надоврзуваат на веќе изложените дела во рамки на групните претставувања организирани за наградата во трите последните години, во симболична а некогаш и во буквална смисла. Тие се однесуваат на едни од најосновните егзистенцијални прашања во денешнината како манипулативните средства на државниот апарат и моќта, хиерархиската општествена, социјална и класна поставеност, стравот и неизвесноста на индивидуата и односот со другите и другоста и прашањето за слободата како и неговата материјална слобода.“, пишува во информацијата по повод настанот.