Изложба „Дијалог со стварноста и акварелот“

Од:

„Дијалог со стварноста и акварелот“ беше темата на вчерашната изложба на уметникот – акварелист Снежана Илиева, која со сликарство се занимава повеќе од 20 години и е член на Друштвото на ликовните уметници на Струмица.

„За акварелот нема утре. Сликата завршува сега и денес. Таа е реална со чувство на духовна вредност што ја полни нашата душа со позитивни емоции. Во секој од нас се буди потенцијална енергија за творење, и кога таа ќе се насочи, творештвото го исполнува нашиот живот“, вели Илиева.

Преку своите акварели уметничката „се обидува да излезе од кафезот на својата душа“.

„Сликата е лична исповед, дијалог меѓу уметникот и судбината на неговото живеење. Исто како во пишаниот збор, кога писателот се бара себе си. Акварелот е блесок во уметноста, тоа е брзопотезно сликарство, каде светлината овозможува нештата да се претворат во реална содржина и форма. Бара одлучност, храброст, брзина и ризик, исто како и во животот“, објаснува Илиева.

Професор д-р Горица Левенеска, пријателка на уметничката од детството, вели дека Илиева уште од средношколските денови имала склоност кон пишаниот збор и кон сликарството.

„Припаѓаме на иста генерација ученици од струмичката гимназија. Од најрана младост седевме на исти клупи, чекоревме со исти чекор, другарувавме, живеевме заедно. Уште од тие денови таа имаше склоност кон пишаниот збор и сликарството. Нашиот животен пат ни даде различни определби, таа изненади и стана математичар, но остана верна на своето сликарство. Нејзините акварели се препознатливи меѓу нас во земјата и странство. Животот го преземаше со ризик, многу храбра, одлучна и брза, токму тоа акварелот го бара“, рече Левенска.

Илиева е носител на Прва награда за акварел во Македонија. Досега има организирано повеќе од 10 самостојни изложби и учествувано на повеќе од 15-тина групни изложби. Вчерашната изложба се организираше во „Матица Екслузив“.

Би можело да ве интересира

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски

Изложба „Простор и тишина“ на Билјана Билбилоска