Во Националната галерија на Македонија (НГМ), објект Мала станица, вечер ќе биде отворена изложба на Атанас Ботев, насловена „Дезинтеграции“.
– Како сведок на актуелните случувања и ситуации ја гради својата естетска стратегија на демистифицирање на општествените феномени. Тој ги коментира рецентните општествени, политички и културни превирања на локално и на глобално ниво. Во контекст на неговиот интерес за креирање на синтеза на историските уметнички правци и реакција на општествено-политичките идеологии од далечното и блиското минато, иронично и интеррогативно, понекогаш и саркастично реагира преку транспонирање и редефинирање на актуелните состојби каде го соголува системот во кој главен збор водат организации на водечките светски сили кои под велот на „подобрување на животната средина” го преструктурираат глобалниот поредок, се со причина на зачувување на сопствениот интерес, соопшти НГМ најавувајќи ја изложбата на Ботев.
Атанас Ботев (Скопје, 1973) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (графика и графички дизајн) во 1997 година. Магистрирал на истиот факултет во 1999. Работи како раководител на Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје. Создава во повеќе медиуми: сликарство, графика, цртеж, инсталација, перформанс.