Изложба со дела на повеќе уметници, инспирирани од творештвото на Рацин, беше отворена денеска во фоајето на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Изложбата, насловена по најпознатата Рацинова стихозбирка „Бели мугри“, ја организираат струшкиот Центар за култура и Домот на културата „Кочо Рацин“ од Скопје.
– Група современици од македонската сцена на современата почва напојувани од поетиката на Рацин, како сликар на пределот, на сонот, на страданието, на копнежот, го преточија во ликовен запис, во предели кои ја загадуваат метафората на апстрактноста. Тие не само што ја доловуваат, туку ја заживуваат поетиката на тоа својство, на љубовта и страданието, на моќта и немоќта, на покорот и непокорот, истакна на отворањето на изложбата Јасмина Попоска од Центарот за култура во Струга.
Учестувуваат уметници од повеќе генерации, како Александар Јанкулоски, Стефан Хаџи Николов, Жанета Спироска-Радеска, Влахо Бранѓолица, Росица Лазеска, Мирчо Матевски Рисимкин, Верина Николова, чии дела претставуваат различни сликарски и графички техники, теми и мотиви, а главна инспирација им е поезијата на Коста Солев Рацин.
– Неговото творештво втемелено опстојува и верувам дека се повеќе ќе го наоѓа своето место, не само во сферите на нашата култура и уметност, нашиот идентитет тука во Македонија, туку и надвор. Станува збор за една поетика кротка и питома. Во таа насока публиката ќе забележи многу топлина, разиграност, поетичност и магија и во делата на авторите на оваа изложба, рече Виолета Калиќ од Домот на културата „Кочо Рацин“.