Италијанските уметници маестро Масимо Мерчели на флејта и Лоренцо Бавај на пијано вечер на „Охридско лето“

Од:

Програмата на 60-тото јубилејно издание на „Охридско лето“ за вечер го нудие концертот на италијанското дуо Масимо Мерчели на флејта и Лоренцо Бавај на пијано.

Масимо Мерчели е еден од ретките флејтисти во светот кому му се посветени бројни дела од некои од најпознатите композитори на денешнината како: Пендерецки, Губајдулина, Глас, Ниман, Бакалов, Мориконе, Галијано, Солима кои покрај тоа што пишувале за него, често и настапувале покрај него на концертните сцени. На само 19 години, Мерчели е назначен за прв флејтист на театарот „Ла Фениче“ во Венеција, а победник е на неколку значајни меѓународни натпревари за флејтисти во Италија.

Како солист настапувал во некои од најпрестижните концертни сали во светот како: Карнеги Хол, салата на Минхенската филхармонија, салите во Берлин, Пекинг, Буенос Аирес, Амстердам, Мадрид, Женева, Лондон, Рим, Санкт Петербуг, Москва и многу други, под диригентските палки на: Валериј Гергиев, Кшиштов Пендерецки, Филип Глас, Мајкл Ниман, Масимо Кварта, Енио Мориконе и др. Настапувал со оркестри како Берлинската филхармонија, во големата сала на Московскиот конзерваториум со Гидон Кремер и Јури Башмет, а неколку пати бил на турнеја со ансамблот „Италијански виртуози“, под диригентската палка на Пендерецки изведувајќи ја неговата Синфониета за флејта и гудачки оркестар. Неодамна остварува настап во Лондонскиот „Вигмор Хол“ и на Академијата „Моцартеум“ во Салцбург, одржува мајсторски курс во Фондацијата „Ростропович“ и премиерно го изведува делото „Фасади“ од Филип Глас во придружба на самиот композитор на пијано. Во 2012 година Оринџ Маунтин Рекордс го издава ЦД-то со наслов „Мерчели го свири Филип Глас“ кое содржи музика за флејта од овој композитор.

Мерчели е член на жири комисии на меѓународни натпревари за флејта во Париз, Њујорк, Женева и Пекинг, а често одржува мајсторски курсеви на најпознатите музички академии во светот.

Лоренцо Бавај започнува да студира пијано на Конзерваториумот „Џоакино Росини“ во Пезаро и на 18 годишна возраст дипломира со највисоки оценки. Продолжува да студира со Станислав Нојхаус на Виенскиот конзерваториум и со Татјана Николаева на Академијата „Моцартеум“. Студира музичка теорија на Универзитетот во Болоња, а оргули, композиција и диригирање во Пезаро. Кариерата како концертен пијанист ја започнува по победите на неколку интернационални натпревари по што настапува во родната Италија, но и во Русија, Полска, Германија, Норвешка, Шведска, Бугарија, Шпанија и Шкотска. Соработува со истакнати уметници како Лео Нучи и Монсерат Кабале, а од 1989 година е редовен концертен партнер на големиот светски тенор- Хозе Карерас. Со него настапува на сите континенти, во оперските куќи во Лондон, Париз, во „Ла Скала“- Милано, во Римската опера како и во бројни концертни сали во Европа и Азија. Лоренцо Бавај е уметнички директор на неколку италијански фондации и асоцијации, професор е на академијата во Пезаро и често одржува мајсторски курсеви во Италија и Јапонија.

На програмата на концертот во „Света Софија“ се дела на Бах, Доницети, Пуланк, ДОплер, Ниман, Вилијамс, Пјацола. Почетокот на концертот е од 21 часот.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма