Продолжија истражувањата на локалитетот Градиште кај селото Младо Нагоричане кои ги спроведуваат стручни лица од Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет од Скопје, а во соработка со археолозите од НУ Музеј Куманово.
Од музејот истакнаа дека истражувањата се реализираат со поддршка на Владата и Министерството за култура. Археолозите под водство на проф.д-р Марјан Јованов се во почетна фаза на истражување и се концентрираат на поширокиот простор околу репрезентативниот објект, палата пронајдена во претходните истражувања.
– Интенцијата е да се види што се случувало во околината под палатата, ако се знае дека на највисокиот врв се живеело елитно. Не знаеме што се случувало долу, па затоа се врши сондирање подолу од пронајдениот репрезентативен објект кој работно е наречен палата, изјави директорот на НУ Музеј Куманово, Дејан Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека археолозите во изминатите истражувања на овој локалитет пронашле остатоци од луксузна архитектура, градби во чии рамки биле вградувани јонски столбови од локално производство, локален камен од кој што се произведени, за што доказ се пронајдените делови од столбовите. Откриени биле ѕидови премачкани со малтер со фреско декорација, што сведочи за високото културно и цивилизациско ниво на кое што се наоѓал овој безимен град на локалитетот Градиште.
– Локалитетот е важен за македонската археологија, затоа што веројатно претставува најсеверната точка до каде што се констатирани медитеранските, хеленските, грчки елементи на културата и додека не се откри Градиште, никој не претпоставуваше дека на овој дел од Македонија се живеело толку цивилизирано во палати со столбови кои што се во стилот со оние кои се наоѓаат во егејска Македонија, во Грција, рече Ѓорѓиевски.
Предвидено е истражувањата да траат до 15 јуни годинава, по што ќе следи обработка на материјалот и документирање. Повеќеслојното наоѓалиште археолозите го истражуваат четири години по ред и досега откриени се делови од градби, меѓу кои значајни се остатоците од градбата кои најверојатно припаѓале на луксузна резиденција или палата, која датира од 4 век п.н.е.
Пронајдена е и богата декоративна камена пластика и капители од јонски столбови. Локалитетот Градиште во Младо Нагоричане прв пат е откриен пред околу 30 години, а уште при самото прибирање на површинскиот материјал, увидено е дека станува збор за богата населба лоцирана на левиот брег на Пчиња, која егзистирала во периодот на енеолитот, железното време, раната антика и хеленизмот.