„Интимен театар“ од Битола гостува на сцената во МНТ

Од:

На малата сцена во Македонски народен театар, на 17 јуни, со почеток во 20 часот, со претставата „Со љубовта шегување нема“, подготвена по текстови од Алфред де Мисе и документирани материјали, а во режија на Софија Ристевска, ќе настапи „Интимен театар“ од Битола.

Во претставата „Со љубовта шегување нема“ играат Здравко Стојмиров, Катерина Аневска и Стефанија Милевска. Кореографи се Кире Миладиноски и Стефанија Милевска, додека костимите ги подготви модното студио „Анастасија“. Дизајнот на звук и изборот на музика се на Златко Кузевски, а дизајнер на светлото е Игор Мицевски.

„Со љубовта шегување нема“ е создадена врз идејата за денешниот неолиберализам, којшто го проголтува и уништува секој човечки напор за живеење надвор од матрицата на истиот. Во денешниот свет, конструиран само и единствено врз правилата на Капиталот, човекот, за жал, нема алтернатива, освен да се потчини и да се постави во функција на парите.
Кога капиталот е основниот параметар по којшто се конструира и структурира еден живот, тогаш доаѓаме до заклучокот дека, всушност, „со капиталот шегување нема“, а дека „љубовта е постудена од капиталот“. Точно за тоа зборува претставата. Денес може да се шегуваш со љубовта, но не и со капиталот. Не со финансиите на големите корпорации затоа што најприфатливата особина на современиот човек е неговата потрошувачка и финансиска моќ. Љубовта е во заден план затоа што навлегува во концептот на капиталистичко-политичките односи што во моментов владеат во светот.

Во општество на несолидарност и краен финансиски егоизам, нема место за љубов. Во нашата претстава, ги спротивставуваме љубовта и капиталот, ги ставаме во арена и ги анализираме резултатите од тој чин. Во свет на потрошувачко општество, љубовта којашто некогаш била основната жива и движечка сила за човекот, денес е константно поставувана на испит и секојдневно и масовно манипулирана.

„Со љубовта шегување нема“ е повик за создавање на еден похуман, посолидарен и социјално рамноправен свет, каде што индивидуата ќе има право на слобода и љубов, затоа што точно игнорирањето на овие две категории може да нè чини многу!“, пишува во текстот што ја најавува оваа претстава.

Би можело да ве интересира

Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Џенкинс: Да ги надминеме традиционалните сценски простори, да се вклучиме во заедниците

Љутков: На Велес му го враќаме театарот во неговата вистинска институционална форма

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он