Првиот натпреварувачки ден на 19. Интернационален фестивал на монодрама почнува со настап на естонскиот актер Вјачеслав Рибников кој ќе ја изведе монодрамата „Семјон Захарич“ работена по мотиви од познатото дело на Достоевски, „Злосторство и казна“.
Битолската публика го очекува и настапот на хрватскиот актер Јурај Арас чија монодрама „Десница: Игри на пролетта и смртта“ од Владимир Десница предизвика, како што велат организаторите на фестивалот – внимание во најава.
Јурај Арас 20 години настапувал како актер во Куклениот театар во Задар, а од 1999 година го води познатиот „Театро ВеРРди“ кој како што вели има цел да ги собира луѓето со различен уметнички профил и да понуди платформа за остварување на нивните идеи.
-Тесктот на Десница е филигрански профилиран, измерен, во него неможе ништо да се дополни или одземе. Јас се идентификувам со таа прецизност и тоа ме мотивира. Амбиентот од кој делото извира е истиот оној амбиент кој го носам уште од детството…свирње со виолина, старински мебел, шешири, велосипеди, пејзажи…тоа е само дел од тоа што ќе може да погледне и пренесе на битолската публика, најави хрватскиот актер Арас во пресрет на вечерашниот настап во овој град.
Монодрама „Солзи поголеми од очите“ од Марина Цветаева, во изведба на руската актерка Валерија Зилина ќе ја заокружи фестивалската вечер од првиот натпреварувачки ден на монодрамата во Битола.