Интензивни истражувања на археолошкиот локалитет Стоби

Од:

Националната установа Стоби реализираше половина од планираните десет проекти за 2014 година. Меѓу нив се и две интернационални работилници за конзервација – на керамика и на мозаик, кои паралелно се одвиваа во јуни во соработка со фондацијата „Балканско наследство“.

– Во рамките на работилницата за конзервација на керамика се работеше на копии и автентични римски садови. Работилницата за конзервација на мозаици беше реализирана заедно со втората фаза на проектот за конзервација на мозаикот од нартексот на Епископската базилика. Проектот опфаќаше лиење и поставување на алуминиумско саќе на мозаикот од нартексот кој беше изваден во 2012 година. Како дел од овие два проекта, беа одржани и уште две помали работилници за конзервација на стаклени садови и фрески, соопшти НУ Стоби.

Во јуни и јули биле извршени ископувања на Западната некропола и Театарот како дел од капиталните проекти за археолошки истражувања, финансирани од Владата. Со ископувањата на некрополата биле откриени 51 гроб од пвиот до третиот век од нашата ера. Наодите покажале дека  покојниците биле кремирани и имале гробни прилози, како керамички садови, светилки, стаклени садови и бронзени монети. Како посебно интересен, НУ Стоби го издвојува гробот во кој кремираните остатоци биле поставени во оловна урна.

– Ископувањата во Театарот се одвиваа во мал дел на централниот циркуларен коридор при што беа истражувани подни нивоа од доцната антика (5-6 век) кога објектот не бил во функција, а неговите ѕидови и коридори биле искористени во рамките на куќите подигнати на овој простор, информира НУ Стоби.

Трет проект од соработката помеѓу НУ Стоби и фондацијата „Балканско наследство“ била интернационална археолошка школа, од  29 јуни и 28 јули, со 16 учесници од  повеќе земји, главно од САД и ООД Канада.

Ископувањата биле на просторот помеѓу Тедосијанската палата и т.н. „Затвор“. Била истражена една од подоцнежните соби на палатата која во текот на 6 век била поделена на два дела. Откриени се фрагменти керамика, животински коски, фрагменти од стакло, бронзени монети, мала мермерна скулптура со претстава на голо машко божество и една железна стрела.

Останатите пет проекти, финансирани од Годишната програма на Министерството за култура, ќе бидат реализирани во следните месеци.

– Двата проекта за конзервација на метални предмети и стаклени садови ќе отпочнат во текот на август, додека ископувањата во делот на Храмот на Изида ќе се одвиваат во текот на септември. Проектот за конзервација и реставрација на Театарот ќе продолжи на почетокот од септември и ќе трае до крајот на ноември, информира НУ Стоби.

За оваа година е предвидена конзервација и реконструкција на сводовите од тули на централниот радијален коридор и страничните простории, по што ќе следи конзервацијата и реконструкцијата на лежиштата за седишта.

Се очекува до 2015 година Театарот да биде подготвен за реконструкција на мермерните седишта во источната половина. Последниот проект за 2014 година предвидува враќање на мозаикот од централниот брод на Старата епископска базилика. Подготовките за реализација на проектот ќе почнат на 15 август.

Би можело да ве интересира

По 70 години прво подземно скенирање на наоди во античкиот локалитет „Стибера“ кај Прилеп

Ана Ололовска

Египет ги изложи неодамна откриените артефакти стари 2.500 години

Предраг Петровиќ

„На север од егејскиот свет“ – нова книга на археологот Драги Митревски

Минатата година се зголеми македонското археолошко богатство, а науката доби лабораторија за прецизирање на фактите

Ана Ололовска

Конференција за предисториска археологија „Предисторија на Балканот“

Ана Ололовска

Завршија овогодишните истражувања на Градиште-Бислим кај кумановското село Пчиња

Ана Ололовска