Во Даут-пашин амам денеска напладне ќе се одржи втората од двете дебати „Институција за можните иднини“, во пресрет на 70 години од основањето на Националната галерија на Македонија кои ќе бидат одбележани идната година.
Оваа серија дискусии е курирана од Ивана Васева како надворешен соработник на НГМ. На дебатата ќе учествуват уметници, ликовни критичари и историчари на уметноста: Бојан Иванов, Мирјана Талевска, Решат Амети, Ѓорѓе Јовановиќ, Маја Чанкуловска-Михајловска и Ана Франговска.
– Оваа серија на дебати имаат за цел одново да постават повеќе прашања кои би биле во чекор со современите размислувања за институциите поврзани со повеќеслојните идентитетски карактеристики како и конструктите на националното како една 19-вековна творевина, за современоста во пристапот на изожувањето, презентирањето и преиспитувањето на колекцијата како и на односот не само со локалната туку и интернационалната сцена, соопшти Националната галерија на Македонија.