Избор од најслушаните рефрени испеани на фестивалот „Макфест“ ќе биде на програмата на годинашниот Василичарски концерт, кој Македонската опера и балет ќе го изведе на 12-ти и на 13 јануари од 20 часот.
– Со настап во живо, во гала концертна варијанта, 68 музичари, 12 рок и поп пејачи и еден диригент низ 15 рефрени ќе го пренесат најдоброто од 25 години „Макфест“. Публиката ќе има можност да ужива во популарните: Кога те нема; Свирете ја зајди, зајди; Еден бакнеж и магија се стори; Кој да ти каже, Ивана; Ангели ме носат; и многу други, соопшти МОБ за концертот насловен „Макфест за Василица“.
Композициите ќе ги исполнат најпопуларните пејачи од македонската естрада: Тамара Тодевска, Тијана Дапчевиќ, Елена Ристеска, Сара Мејс, Александар Тарабунов, Елена Петреска, Александар Белов, Нина Јанева, Лидија Кочовска, Димитар Андоновски, Јоце Панов и Вејчеслав Поповски. Ќе ги придружува Оркестарот на Македонската опера и балет, под диригентство на Бисера Чадловска.
МОБ соопшти дека билетите за двата концерта се со цена од 800, 1.000 и од 1.200 денари и сe пуштени за продажба на билетарницата на МОБ и електронски на www.mob.com.mk.
Македонската филхармонија, пак, на 7 јануари напладне, во Македонскиот народен театар ќе го одржи Божикниот концерт, под диригентство на Саша Николовски-Ѓумар.
Како што претходно најави, Филхармонијата во четврток ќе ги изведе познатите сегменти од балетите, оперите и оркестарските дела на големите руски автори Чајковски, Бородин, Глазунов, Глинка и Мусоргски.