На 12-ти септември во Галеријата „Хотел Марија Капел“ во Хорн, Холандија, ќе биде отворена изложбата „Schizomechanics” на македонската уметничка група ОПА (Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски).
Изложбата е резултат на едномесечниот престој на ОПА во центарот за современа уметност „Хотел Марија Капел” и е воедно дел од проектот „OPA Professional”.
На оваа изложба ќе бидат претставени шест монументални цртежи создадени во Хорн, кои реферираат на творештвото на ситуационистот Џузепе Пино-Галицио.
Кураторка на изложбата е Ирен д Крен (Irene de Craen), а поставката ќе биде отворена за посетители до 11-ти октомври.
OPA Professional e проект на групата ОПА (Опсесивно посесивна агресија), која работи на границите на ликовната, уметноста на новите медиуми и перформансот. ОПА ги преиспитува културните и секојдневните состојби, однесувањето и социјалните навики во одредена средина, во променливите социјални и политички услови.
Формирана е во 2001 година од ликовните уметници Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски. Двајцата студирале на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. ОПА, до сега, има самостојно изложувано во Македонија, Естонија, Словенија, Хрватска, Франција, Германија, САД и Холандија. Има учествувано на повеќе групни изложби и фестивали како Трансмедиале, Берлин; Трансеуропа – Европски театарски и перформанс фестивал, Хилдесхајм; Freewaves – Биенале на нови медиуми, Лос Анџелес; Биенале на современи уметности, Москва; итн.
А.Б.