Ученици, членови на ателјето на професорот Вејсел Аџар од турскиот град Трабзон се годинашни добитници на највисокото признание, наградата Гран При што ја доделува Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” – Битола за најдобро училиште и најдобра колекција за светската детска ликовна изложба на претстојниот „Мал битолски Монмартр“ (МБМ).
Домаќинот и организатор на колонијата денеска информира дека најновото 44. издание на „Мал битолски Монмартр“ ќе биде најголемо, со учество на потврдени над 180 ученици и ликовни педагози, од 18 држави во светот.
– Оваа година на светскиот ликовен конкурс учествуваа над 800 приватни и државни школи од 85 земји кои формираа фонд од над 80.000 нови детски ликовни цртежи на 70.000 млади ликовни уметници од цел свет. На наша покана од 23 до 30 мај во Битола ќе престојуваат делегации од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кина, Хрватска, Чешка, Индија, Израел, Јапонија, Малезија, Црна Гора, Полска, Португалија, Романија, Србија, Словачка и Турција, од каде доаѓаат годинешните добитници на највисокото признание, наградата Гран При, која ќе ја врачиме на членовите на ателјето на професорот Вејсел Аџар, истакна Славчо Неделковски, претседател на управниот одбор на ДЛС „Свети Кирил и Методиј“-Битола.
Со одлука на жирито, големата награда „Чувар на наследството на Коста“ за исклучителен придонес во развојот на мисијата на основачот на организираната форма на оценување и грижа за уметничкиот талент кај младите уметници и талентирани студенти, годинава се доделува на ликовниот уметник Мариа Дима од Романија.
– Жири комисијата одлучи оваа година Романија како делегација да ја претстави младата ликовна уметничка Мариа Дима која живее во Букурешт, позната учесничка на бројни изданија на „Мал битолски Монмартр”. За потсетување, Мариа Дима во 2019 година беше единствената во историјата на МБМ која доби Гран При во лично име, а годинава во Битола ќе престојува со својот сопруг поетот Санџот Синг од Индија со кого ќе реализира и уметничко поетски перформанс, посочи Неделковски.
Освен во Турција и Романија, наградите на ДЛС „Свети Кирил и Методиј“ – Битола, патуваат и во други држави, а наградата „Професор Коста Хаџи-Антоновски“ која се доделува за глобална промоција на организираната форма на оценување и грижа за уметничкиот талент кај младите ликовни уметници и талентирани студенти ја добива професорот Рузмира Беќирај Бејај од Албанија, додека пак, наградата „Бисер на уметноста“ за особен напредок на студент поединец во неговиот развој и уметнички опус, жирито ја додели на Лена Павковиќ од Србија.
Од ДЛС „Свети Кирил и Методиј“-Битола, денеска потврдија дека специјална награда за колекција „Златна четка” која се доделува за збирка ликовни дела ќе биде доделена на ученици од Кина, Малезија и Индија, а големата награда „Професор доктор Богомил Карлаварис“ за животно дело и најдобар професионален пристап кон едукација и негување на уметнички талент кај младите уметници и талентирани студенти, годинава ја доби професорот Ширли Сигал од Израел.