Осумдесет графики (бакрописи и литографии) и шест бронзени скулптури-минијатури на големиот англиски уметник на 20 век Хенри Мур ќе бидат шест недели во Музејот на современа уметност во Скопје на изложба што ја организира Британскиот совет во Македонија.
Изложбата „Хенри Мур: Графичарот“ ќе биде отворена идниот четврток и посетителите ќе може да ја видат до крајот на мај. Делата доаѓаат директно од Лондон, од централата на Британскиот совет, која поседува збирка од над 200 уметнички трудови на познатиот графичар и вајар кој на Советот му ги донирал во 1984 по повод половина век од неговото постоење.
Директорката на Британскиот совет во Македонија Елеонора Запрова на средба со новинарите искажа задоволство што изложбата на делата на Мур прво ќе гостуваат во Скопје, а потоа ќе патуваат во околните земји – Црна Гора, Албанија, Србија. Иницијативата произлегла во јуни минатата година, кога Британскиот совет во Скопје, во соработка со Музејот на современата уметност (МСУ), беше организатор и на изложбата „Прагови“, на која беа претставени 80 дела од 34 британски автори по повод дијамантскиот јубилеј од владеењето на кралицата Елизабета Втора.
Мур, кој правел големи скулптури за отворени простори, во МСУ ќе биде претставен со дела во помали димензии што ќе се вклопат во затворен амбиент, од кои две минијатури се макети што ги направил за своите големи скулптури „Мајка со дете“ и скулптурата „Knife Edge“.
Запрова информираше дека почесен гостин на отворањето на изложбата на 18 април ќе биде Дејвид Мичинсон, куратор на изложбата на Мур и поранешен раководител на фондацијата „Хенри Мур“, кој долго соработувал со уметникот. Следниот ден во МСУ тој ќе одржи предавање „Работејќи со Хенри Мур“. На отворањето ќе присуствува и директорот на Британскиот совет за Западен Балкан Тони О’Брајан.
Директорката на МСУ Елиза Шулевска истакна дека се работи за настан од големо значење, кој е вон програмските активности на Музејот. Очекува интересот на јавноста да се зголемува во наредната седмица и оти од тоа ќе зависи дали Музејот ќе го продолжи вообичаеното работно време по 17 часот, како што практикуваше за претставувањето на делата на Вазарели и на Дали.
Покрај изложбата, за која фондацијата „Хенри Мур“ подготви каталог, до 31 мај ќе има и придружна програма во МСУ – работилници за млади кои ќе творат инспирирани од делата на Мур, како и едночасовен филм „Уметноста на Хенри Мур“.
Делата на Мур се дел од богатата јавна збирка од 9.000 творби на британски уметници што ги има централата на Британскиот совет во Лондон. Таа се нарекува „Музеј без ѕидови“ зашто не е постојана поставка туку се претставува на патувачки изложби низ светот, во соработка со локалните канцеларии на Британскиот совет.
Хенри Спенсер Мур (1898-1986) е најпознат по монументалните апстрактни бронзени скулптури, кои се изложени на јавни места низ светот. Правел апстракни претстави на човечко тело, а најчести мотиви му се мајка со дете и фигури во легната положба. Иницирал нов облик на модернизмот во Обединетото Кралство и влијаел на творештвото на многу англиски и светски скулптори. Имал многу нарачки за вајарски дела, меѓу кои се скулптурите пред седиштето на УНЕСКО во Париз и во близината на Вестминстер во Лондон.